За Илија Петков, ветеринарен техничар кој дипломирал и магистрирав екологија и животна средина на Универзитетот „Сорбона“ во Париз, наједноставното решение за да се намали бројот на улични кучиња е да престанеме да управуваме само со последиците и да почнеме да управуваме со изворите на популацијата.
– Стерилизацијата, заловувањето и вдомувањето на социјализираните напуштени единки, можат секако да бидат дел од решението, но самите по себе не се решение на проблемот кој е најнапред еколошки, односно достапноста на отпадот е главниот двигател на оваа популација – нагласува тој
Во последно време, сè поизразен е проблемот со бездомните кучиња во Скопје, појавата на глутници и исплашени граѓани кои честопати се жалат дека се нападнати и каснати од куче. За овој проблем поразговаравме со Илија Петков, ветеринарен техничар, кој дипломирал и магистрирал екологија и животна средина на Универзитетот „Сорбона“ во Париз. Тој во професионалната работа е посветен на негата и благосостојбата на кучињата и на мачките.
Илија смета дека проблемот не се кучињата на улица, туку нивната огромна бројност што се изразува преку константен притисок и зголемена агресивност поради хиперпопулација и систем што со децении не успева да управува со неа.
– Наместо да ја романтизираме или демонизираме нивната присутност, мораме научно да утврдиме што ја одржува оваа популација и зошто досегашните мерки не даваат трајни резултати – смета Илија.
Тој додава дека целта не е да нема кучиња на улица, туку да нема хиперпопулација, што според него, е последица на нефункционален систем.
– Најнапред треба да направиме суштинска и научно докажана разлика меѓу кучето кое генерациски е дел од слободноживејачката популација и го нарекуваме улично, бездомно, скитничко, селско… и миленичкото вештачки селекционирано куче кое на сосема ограничен начин може да биде дел од кучињата на улица. Тоа се две различни популации на нашите улици и не можеме да очекуваме дека ќе ги решиме со истите мерки. И за двете популации треба да се дејствува најнапред врз изворот – наведува Петков.
Тој објаснува дејка периферните и руралните простори, депониите, индустриските зони, викенд-населбите, напуштените објекти и местата каде што има достапна храна, вода и засолниште се изворите на слободноживејачката популација.
– Таму опстојуваат и се размножуваат овие синантропни популации на животни што остануваат надвор од секојдневниот поглед на јавноста, а нивните единки прогресивно и бавно напредуваат кон населените места. Тоа што го гледаме на нашите улици е многу мал процент од севкупната популација на слободноживејачки кучиња. Моја процена е дека зборуваме за стотици илјади, а можеби и над милион единки во Македонија – наведува Петков.
Додава дека истражувањата на екологијата на слободноживејачките кучиња покажуваат оти достапноста на храна и другите ресурси влијае врз нивната просторна распределба и движење.
– Кучињата редовно посетуваат депонии, полиња, контејнери со лесно достапен отпад од домаќинства и места со достапна храна како ресторани, месари и пазари. Истражувањата покажуваат дека движењето зависи и од карактеристиките на животното, неговиот однос со луѓето и локалната средина. Затоа сметам дека проблемот не може правилно да се анализира без да се разбере од каде доаѓаат кучињата, каде живеат, каде се размножуваат, каде се хранат и како се движат пред да се појават во уличката од нашето маало – објаснува Петков.
Тој вели дека постои убава наука за однесувањето на животните која се нарекува етологија и стручни лица специјализирани во популациска биологија и екологија на животни кои можат стручно да помогнат во решавањето на проблемот.
За Петков, наједноставното решение е да престанеме да управуваме само со последиците и да почнеме да управуваме со изворите на популацијата.
– Стерилизацијата, заловувањето и вдомувањето на социјализираните напуштени единки, можат секако да бидат дел од решението, но не се самите по себе решение на проблемот кој е најнапред еколошки, односно достапноста на отпадот е главниот двигател на оваа популација – нагласува тој.
Петков нагласува дека неодговорното сопствеништво постои и мора да се санкционира најнапред со ригорозно и доследно спроведување на постојните закони за задолжително чипирање кучиња и мачки.
– Точно е дека некои кучиња завршуваат на улица поради напуштање, но тоа ниту од далеку не е главниот механизам што ја одржува конкретната популација на определена територија – оценува Петков.
Тој објаснува дека кучето милениче ниту биолошки ниту психолошки не е способно да опстои без човечка грижа и нега, па неговиот животен век на улица се брои во часови и денови.
– Овие кучиња најчесто брзо се препознаени и вдомени, но за жал, останатите пцовисуваат од болест, удар од возило, напади од улични кучиња… Прототипот на повеќето кучиња миленици во урбаните средини има околу пет килограми и никогаш нема да се размножи во улична слободноживејачка глутница составена од единки над триесет килограми со одлични генетски наследени предиспозиции за опстанок – смета Петков.
Како сопственик на „Едукативниот центар за одговорни сопственици на миленици“ тој наведува дека едукацијата за тоа како треба да се однесуваме кон милениците како одговорни сопственици не смее да започнува дури откако ќе се појави проблем, односно таа треба да започне пред човекот да донесе животно дома и да продолжи низ целиот период на неговото чување.
– Едукацијата на сопствениците не е замена за еколошките и етолошките решенија за слободноживејачките популации. Едната го унапредува одговорното чување на животните, а другата овозможува да се разбере и управува со популацијата што веќе опстојува надвор од непосредната контрола на човекот. Секој што сака да чува куче треба да знае дека не е доволно да има добра намера. Потребни се време, финансиски средства, познавање на потребите на животното, ветеринарна грижа, социјализација, физичка активност, нега, груминг, ментална стимулација, дресура и безбедно управување со неговото движење. Треба да знае и дека животното не е играчка што може да се отфрли кога ќе престане да биде интересно или кога ќе се промени семејната ситуација бидејќи таква одлука е најчесто фатална за кучето и го осудува на смрт – нагласува Петков, додавајќи дека е важно е да се разбере дека не постои најдобар миленик за секого, туку постои животно чии потреби се соодветни или несоодветни за конкретниот човек, семејство и нивните услови во следните години.
Директорот на јавното претпријатие „Лајка“, Војислав Димитровски, тврди дека нема драстично зголемување на популацијата на бездомни кучиња.
– Во 2023 и во 2024 година се регистрирани 4.000 единки, додека во 2026 година има околу 4.300 до 4.400 единки, што е во рамките на прифатливоста. Но, треба да се напомни дека во 2023 година, процентот на стерилизирани единки бил 48, во 2024 се зголемил на 51 %, за повторно во 2026 да се намали на 48 %, што кореспондира со интензитетот на работа НА ЈП „Лајка“ – изјави Димитровски.
И тој тврди дека проблем е неодговорното сопствеништво, нагласувајќи дека од 40.000 регистрирани домашни кучиња, само 9 проценти се стерилизирани.
За решавање на проблемот со бездомните кучиња, Димитровски вели дек ЈП „Лајка“ разработува стратегија за финансиски стимулации, односно субвенционирање на стерилизација на домашните миленици.
– Ова во моментов го прават општините Гази баба и Сопиште. ЈП „Лајка“, исто така, и организира повеќе настани со кои се поттикнува одговорното сопствеништво, а на 17 октомври, во чест на роденденот на претпријатието во паркот „Авионче“, ученици од четири училишта, едно од Кисела Вода, едно од Гази Баба и едно од Аеродром ќе ги цртаат кучињата што се во стационарот на „Лајка“, но и да прикажат што би правеле тие со нив кога би вдомиле едно од нив. Најдобрите цртежи ќе бидат наградени. Ќе има и детски работилници, но и други содржини – информираше Димитровски.
(А. П.)












