Само шест недели пред американските среднорочни избори, сè поголем број избрани републикански функционери и кандидати се дистанцираат, а во некои случаи и отворено се оградуваат од претседателот Доналд Трамп.
Додека трае кампањата и на социјалните мрежи, тие изразија загриженост во врска со војната со Иран, цените на горивото, спроведувањето на имиграциските закони и други прашања за кои анкетите покажуваат дека се непопуларни кај гласачите. Мала група отиде и чекор понатаму, гласајќи за ограничување на овластувањата на претседателот. Зголемената подготвеност отворено да му се спротивстават на републиканскиот претседател доаѓа во момент кога неговиот рејтинг на одобрување се движи близу историскиот минимум, а анкетите сугерираат дека републиканците би можеле да доживеат тежок пораз на изборите, што потенцијално би можело да ги чини губење на контролата и врз Претставничкиот дом и врз Сенатот, пишува „Индепендент“. Сепак, повеќето републиканци јавно ги поддржаа неговите препознатливи политики.
На барање од „Индепендент“ за коментар, портпаролот на Белата куќа, Дејвис Ингл, се пофалил со список на достигнувања на Трамп. Тој набројал дека претседателот ги потпишал најголемите намалувања на даноците за работничката класа во историјата, ги намалил трошоците за лекови на рецепт, ја затворил границата, го довел насилниот криминал на најниско ниво за речиси еден век, почнал енергетска револуција, додал повеќе од еден милион работни места во приватниот сектор…
Сепак, гласно противење од некои републиканци предизвика војната со Иран, која трае седум месеци, доведe до смрт на најмалку 18-мина војници и ги чини даночните обврзници милијарди. На 15 септември, Претставничкиот дом усвои резолуција за воени овластувања со која се обиде да го принуди Трамп да ги прекине непријателствата без одобрение од Конгресот. Тоа беше третпат Претставничкиот дом да ја одобри во голема мера симболичната мерка, но гласањето имаше значење зашто рекордни седуммина републиканци се тргнаа од својата партија и им се придружија на демократите во поддршката.
Таа војна предизвика нагло зголемување на цените на горивото во САД, а Трамп ги опиша повисоките трошоци на бензинските пумпи како „мала цена“ за неутрализирање на Иран. Но, малцинство републиканци јасно ставија до знаење дека не го делат неговиот став за тоа прашање. Други републикански пратеници отидоа и чекор понатаму, барајќи од администрацијата да преземе нешто за ублажување на товарот од високите цени на горивото. И царините се трн во окото на некои републиканци. Со поддршка на неколкумина републиканци, Претставничкиот дом со тесно мнозинство гласаше за укинување на царините за Канада.
Претходно овој месец, имаше реакција и за строгите мерки за имиграцијата. Во ретка јавна критика, претставничката од Флорида, Марија Елвира Салазар, објави предизборен спот во кој вели: „Господине претседателе, некои од Вашите напори за спроведување на имиграциските закони отидоа предалеку. Истите Хиспаноамериканци што Ви помогнаа да стигнете до Белата куќа во 2024 година, денес се чувствуваат изневерено“.
И тоа не е сè кога е во прашање отпорот на некои републиканци кон Трамп. Во вторникот, сенаторот од Јута, Џон Кертис, јавно го повика Комитетот за правосудство на Сенатот да издаде судски налог за сведочење на најстариот син на претседателот, Доналд Трамп Помладиот, за тоа дали ги искористил семејните врски за лична корист.












