Само од почетокот на годинава починале четворица пациенти со вештачко срце, а кои повеќе години чекале за пресадување. Затоа се надеваме дека со почетокот на новите законски правила може да се зголеми бројот на потенцијални донатори, вели активистка Ирена Ралева-Најдевска
Новата законска можност граѓаните кај матичните лекари да дадат лична изјава дека сакаат да ги донираат своите органи во случај на мозочна смрт, треба значително да го зголеми бројот на дарители. Со тоа може многу да им се помогне на пациентите што чекаат на трансплантација на орган, а чија состојба постојано се влошува. Најкритична е ситуацијата со пациентите кои се со вештачко срце и кои чекаат за пресадување на овој витален орган.
– Само од почетокот на годинава починале четворица пациенти со вештачко срце, а кои повеќе години чекаа за пресадување. Затоа се надеваме дека со почетокот на новите законски правила, може да се зголеми бројот на потенцијални донатори. Односно, дека многу граѓани ќе прифатат да дадат изјава за лична согласност дека сакаат да бидат пресадени нивните органи кај други лица во случај на нивна мозочна смрт – вели за весникот ВЕЧЕР Ирена Ралева-Најдевска, основач на иницијативата „Органодарителство.мк“ и активист во кампањите за популаризација на органодарителството.
Ралева, чиј сопруг повеќе години чека за трансплантација на срце, наведува дека му се влошува состојбата бидејќи нема можност за трансплантација. Оттаму, се очекува новите законски промени да помогнат да се надминат досегашните проблеми со ограничениот број органодарители. Македонското Собрание неодамна донесе нови законски решенија според кои од 1 октомври граѓаните ќе имаат можност да се евидентираат кај матичните доктори дека се согласуваат да бидат донирани нивните органи во случај на мозочна смрт. Во земјава деновиве се одбележуваше Светскиот ден на органодарителството, кој има цел зголемување на свеста кај граѓаните за овој хуман чин.
И Васко Јолески од Здружението „Храбро срце“, кое ги обединува пациентите што имаат вештачко срце додека чекаат за трансплантација, вели за весникот ВЕЧЕР дека очекува омасовување на бројот на дарители.
– Полесно и подобро е кога секој граѓанин лично ќе се изјасни дека сака да биде органодарител. Таквата негова волја ќе биде неприкосновена и семејствата нема да се стават во ситуација да носат тешки одлуки за своите членови што се во состојба на мозочна смрт. Немам дилеми дека многу граѓани ќе прифатат да бидат хумани и на таков начин – ни вели Јолески.
Тој потврдува дека станува сè потешка состојбата со пациентите што имаат вештачко срце.
– Јас, на пример, веќе не можам да чекорам ниту педесетина метри и принуден сум да користам или моторче или помагало. Вештачкото срце го користам веќе седум години, а предвидено е тоа да се користи до една година. Така е и со другите пациенти, кои повеќе години над предвидениот рок го користат ова помагало. Вештачкото срце помага во основната функција, но се оптоваруваат и страдаат другите органи. Има наши членови што починаа во овој период, а сега сме дваесетина во нашето здружение. На сите итно ни е потребна трансплантација на срце – објаснува Јолески.
На неодамнешната трибина за органодарителството одржана во Велес, беше наведено дека на донирање срце во Македонија чекаат 29 пациенти, 12 чекаат за трансплантација на црн дроб, 160 чекаат за бубрези и околу 20 пациенти чекаат за корнели – очни рожници. За трансплантација на коски, коскени ткива и на лигаменти нема листа на чекање, а се трансплантираат ткива од Банката за коски и коскени лигаменти што се на Клиниката за ортопедија и траума. Јавноста неодамна беше сведок на благороден и хуман чин на едно скопско семејство чиј млад член доживеал мозочна смрт по тешка сообраќајна незгода. Семејството реши да бидат дарувани неговото срце, здравиот бубрег и дел од коските на други пациенти што со години се на листите на чекање за трансплантација на органи. Двете трансплантации беа успешни: срцето на младичот продолжи да чука во телото на 52-годишен пациент, а бубрегот спаси 23-годишен пациент од мачните дијализи.
Според новите законски решенија, измените предвидуваат дарител да може да биде и лице што е во крвно сродство со примателот до четврто роднинско колено. Во практика тоа значи дека може да даруваат органи и првите братучеди на лицата што имаат потреба, што не беше можно досега. Лицата што еднаш ќе дадат изјава дека сакаат да бидат донатори ќе можат и да ја повлечат доколку се премислат. Но, семејствата на лицата што дале изјава за донирање не ќе може да ѝ се спротивстават на таквата волја. (Б. Ѓ.)












