Целиот тим на ТФТ Скопје деновиве живее сон каков што само можеше да посакува. Тимот од Тафталиџе е на добар пат да ја освои титулата во домашното првенство, рамо до рамо е со актуелниот шампион, МЗТ Скопје, во секој поглед, а одлично му оди и во регионална АБА2-лига, каде што е на чекор до пласман во елитата. До таа цел го дели само финалниот со Широки Бријег, откако во полуфиналето, без некои поголеми проблеми, ја совлада фаворизираната Сутјеска со 2:0 во победи (дома-гости).
Широки и ТФТ одиграа еден меч и во регуларниот дел од сезоната, на кој тимот од БиХ славеше со 85:72 на домашен терен и влегува во финалето како голем фаворит. Но, скопскиот тим покажа дека знае како да „заигра“ со фаворитите, бидејќи во оваа плејоф-серија беше со најмали шанси за финалето, но доминантно дојде до него. Затоа тренерот Боро Смилковски најдобро ја опиша целата ситуација и во текот на плејофот постојано ги славеше победите со фразата: „Добро е да си ТФТ во овие моменти“.
- Ќе почнам со тоа што го кажувам веќе две недели, добро е да си ТФТ вечерва и во изминатиов период. Му се заблагодарувам на Марко (Симоновиќ), играч и тренер што на прекрасен начин ја претставува кошарката како игра. Двата натпревари ги контролиравме од почеток до крај, имаше падови, но заморот си го направи своето. Би ги издвоил контролата на емоциите, која произлезе од шансата за финале, и публиката, која беше прекрасна. Во секој случај, играчите мора да останат со студени глави и да ги контролираат емоциите, имаме уште многу да постигнеме. Одиме чекор по чекор, нè очекуваат финалето и домашното првенство. Ќе дадеме сè од себе да го завршиме патот кон АБА 1 на најдобар можен начин. Најавувам борба до самиот крај и борба за трофеј. Ќе биде печат на добрата сезона. Тафта треба да биде горда на нас – порача тренерот на тимот од Тафталиџе, Боро Смилковски.
Честитки за добрата сезона на ТФТ во АБА2-лигата пристигнаа и од противничкиот табор, на чело со познатиот тренер Марко Симоновиќ.
- Честитки за тимот на ТФТ и за тренерот Боро, одиграа феноменална серија, изгледаат многу сериозно и играат одлична кошарка. Воопшто не беше лесно да се игра против нив, беа многу мотивирани и знаеја што сакаат. Им посакувам многу среќа и да ја освојат АБА 2. Што се однесува до нас, ние направивме одлична работа – додаде поранешниот евролигашки кошаркар.
Првиот меч од финалната серија до две добиени ќе се одигра следната среда, во 18:00 часот, на гости кај Широки.











