До 2030 година, Бугарија и Македонија планираат да го завршат железничкото поврзување меѓу Скопје и Софија, соопшти Прес-центарот на бугарското Министерство за транспорт и врски. Ова беше истакнато на средбата меѓу вршителот на должноста министер за транспорт и врски на Бугарија, Корман Исмаилов, и македонската амбасадорка во Софија, Агнеза Руси-Поповска.
Министерката Исмаилов го потенцирала забрзаното темпо на бугарската страна во модернизацијата на железничката линија Софија – Перник – Радомир – Ѓуешево, додека амбасадорката Руси-Поповска истакнала дека е клучна соработката меѓу институциите на двете земји за непречена реализација на проектот.
Договорот за изградба на прекуграничниот железнички тунел беше потпишан на 6 ноември 2025 година, во Ѓуешево, а потоа, во декември таа година, следуваше ратификација во македонското Собрание, додека месецов заврши и во бугарскиот Парламент.
На македонска територија напредува изградбата на железничките делници. Првата делница, Куманово – Бељаковце, веќе е пуштена во употреба. На втората делница, Бељаковце – Крива Паланка, долга 34 километри, досега се реализирани повеќе од 30 % од градежните работи, а неодамна беше пробиен и последниот од вкупно 15. тунели. За третата делница, од Крива Паланка до бугарската граница, Владата во септември минатата година ефектуираше договор за грант од Европската инвестициска банка во висина од 3,7 милиони евра. Средствата се наменети за изработка на нова проектна документација и за подготовка на тендерската постапка за избор на изведувач. Делницата ќе биде долга 23,4 километри и ќе предвидува изградба на 22 тунели, меѓу кои и прекуграничниот тунел, како и 52 моста.
На бугарска територија, Националната компанија за железничка инфраструктура веќе распиша тендер за проектирање и за изградба на нова железничка траса од Ѓуешево до границата со Македонија, во должина од 2,4 километри, што претставува единствената делница што недостига од железничкиот Коридор 8. Паралелно, предвидена е и модернизација на 17-километарската делница од Перник до Радомир.
Се очекува овој инфраструктурен проект, кој ќе овозможи директно железничко поврзување меѓу двете земји, значително да ги подобри сообраќајната поврзаност, економската соработка и регионалната интеграција, со перспектива за редовен и брз железнички транспорт до 2030 година.












