среда, септември 23, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Димитриеска-Кочоска: Инвестициите и финансирањето клучни за енергетска сигурност и одржлив раст

Димитриеска-Кочоска: Инвестициите и финансирањето клучни за енергетска сигурност и одржлив раст

4

Енергетската сигурност, достапноста на енергијата, инвестициите и продуктивноста се меѓу клучните фактори за обезбедување долгорочен економски раст и конкурентност во услови на новата глобална економија. Овие прашања беа во фокусот на работната сесија „Поттикнување на растот во новата економија“, организирана во рамки на „Состаноците за влијанието врз одржливиот развој 2026“ на Светскиот економски форум во Њујорк.

На сесијата, на која учествуваа високи претставници на влади, меѓународни институции и бизнис-секторот, се разговараше за предизвиците и за можностите што ги носи новата економија, со посебен фокус на енергетската транзиција, одржливоста и начините на кои владите и бизнисите можат да воспостават рамнотежа меѓу економскиот раст и одржливоста.

Во дискусијата учествуваше и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, која истакна дека економскиот раст треба да се темели на продуктивност, диверсификација и создавање високопродуктивни работни места, како и на поголема енергетска независност и стабилност во снабдувањето со енергенти.

– Економиите треба да се насочат на долгорочен раст кој ќе се заснова исклучиво на продуктивност. Понатаму, во рамките на дискусијата беше заклучено дека на секоја економија ѝ е потребна што е поголема диверсификација, по која ќе има и поголема додадена вредност. Исто така, беше посочено дека треба да се креираат што е можно повеќе високопродуктивни работни места и, последно, но секако најзначајно, е тоа дека и понатаму треба да работиме на што е можно поголема енергетска независност, поголема одржливост и поголема стабилност во снабдувањето со енергенти, истакна Димитриеска-Кочоска.

Во тој контекст, беше истакната потребата од соодветно финансирање и насочување на инвестициите кон капитални проекти што ќе придонесат за поголема енергетска сигурност и одржливост, а истовремено ќе го поддржат економскиот раст и ќе ја зајакнат конкурентноста.

За Македонија, овие прашања се особено значајни во контекст на заложбите за забрзување на економскиот раст и создавање услови за поголема конкурентност на домашната економија. Поддршката на инвестициите и економската трансформација, како и сигурното и одржливо снабдување со енергија, се важни и за граѓаните и за деловниот сектор.

Учеството на меѓународни форуми од ваков карактер овозможува размена на искуства и добри практики, како и учество во глобалниот дијалог за политиките што ќе влијаат врз економскиот раст и развој во следната деценија.

ИЗДВОЕНИ