Еден од најдобрите кошаркари на сите времиња, Мајкл Џордан, отворено призна дека му е мило што неговата кариера се одвивала во поинаква ера, бидејќи смета дека кошаркарите денес се соочуваат со огромен притисок надвор од теренот. Според легендата на Чикаго Булс, во негово време работите биле многу поедноставни – главната цел била да се победи натпреварот.
Џордан истакна дека денешните играчи се постојано под лупа, бидејќи речиси секој нивни потег се снима, објавува и анализира. Пласманот, статистиката, поразите, социјалните мрежи и градењето личен бренд дополнително го зголемуваат притисокот врз спортистите.
- Размислував каква би била играта ако играв денес. Не можам да се грижам за работи што не можам да ги контролирам, ниту за статистиката – таа никогаш не ме интересирала. Единственото нешто што ми беше важно беше исходот од натпреварот, рече Џордан на настан во Лисабон.
Шесткратниот НБА-шампион додаде дека додека играл, јавноста не знаела што прави пред или по натпреварите. Денес, пак, навивачите сакаат да знаат речиси сè за животот на спортистите, што според него, носи дополнителен товар.
- Кога јас играв, работите беа поедноставни – или победуваш или губиш. Денес мораш да градиш бренд, да се грижиш за статистиката и да размислуваш за финансискиот исход на крајот од договорот, објасни легендарниот кошаркар.
Џордан призна дека воопшто не им завидува на денешните спортисти поради постојаното внимание. И покрај промените во спортот, тој верува дека неговиот пристап би останал ист.
- Мило ми е што сум роден во времето кога сум роден. Длабоко сум посветен на играта и не мислам дека би го променил начинот на кој играв. Можностите надвор од теренот се променети, но мојот пристап би бил ист, заклучи Џордан.











