среда, септември 16, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Џиновската штипска пастрмалија годинава ќе биде најдолга – над два метри

Џиновската штипска пастрмалија годинава ќе биде најдолга – над два метри

1

Со џиновска пастрмалија, долга над два метри, свечено ќе биде отворена манифестацијата „Пастрмалијада 2026“ во Штип.

Пекарот Николче Малинов вели дека за нејзината подготовка ќе бидат потребни околу 17 килограми свежо свинско месо, четири литри масло за готвење и 20 килограми брашно. Тој најавува дека годинава ќе се обидат да ја направат најголемата и најдолга пастрмалија досега – два метри и 10 сантиметри, а за подготовката и за транспортот до бината ќе бидат ангажирани четири-пет лица. 

Џиновската пастрмалија ќе се пече околу 35 минути, во зависност од температурата на печката.

– Нашата печка е приспособена за тоа, ќе ја печеме во еден дел, и тоа 30-35 минути, сè во зависност од температурата на печката – вели Малинов.

Штипската „Пастрмалијада“ годинава ќе се одржи на 18 и 19 септември, на две локации – на шеталиштето „Ванчо Прќе“ и на Градскиот стадион, каде што ќе има концерти, а главна ѕвезда на 19 септември ќе биде Жељко Јоксимовиќ, а пред него ќе настапат познатите македонски пејачи Јован Јованов и Елвир Мекиќ.

Цената на штипската пастрмалија годинава ќе изнесува 250 денари, и покрај зголемените трошоци. За закуп на штандови се пријавени повеќе од 30 угостители, со цел специјалитетот да биде достапен за што поголем број посетители.

 

ИЗДВОЕНИ