Канада оствари убедлива победа од 6:0 над Катар на Светското првенство, но триумфот остана во сенка на страшната повреда на еден од нејзините најважни фудбалери, Исмаел Коне.
Во 53. Минута, канадскиот репрезентативец остана неподвижно да лежи на тревникот, по жестокиот старт на катарскиот играч за врска, Асим Мадибо. Сцената беше потресна: Коне беше изнесен на носилки, додека неговите соиграчи и членовите на стручниот штаб едвај ги задржуваа солзите.
По натпреварот, селекторот Џеси Марш откри дека ситуацијата е многу сериозна.
- Можеше да се чуе крцкањето на коската. Срцето ви се крши кога ќе го доживеете тоа. Сите сме скршени поради него – изјави Марш.
Првичните медицински процени покажуваат дека Коне ја скршил ногата и наскоро ќе биде подложен на операција. Се очекува да паузира меѓу четири и пет месеци, со што неговото Светско првенство е предвреме завршено.
И покрај тешкиот удар, Марш порача дека клубот и репрезентацијата ќе му ја обезбедат најдобрата можна нега и дека верува во неговото целосно враќање.
Еден од најемотивните моменти се случи кога Натан Салиба, кој влезе како замена за повредениот Коне, постигна гол и прославата му ја посвети токму нему, кревајќи го неговиот дрес пред преполниот стадион.
Мадибо доби директен црвен картон за опасниот старт и по натпреварот лично отишол во канадската соблекувална за да му се извини на Коне. Сепак, стрелецот Џонатан Давид остро го осуди потегот на катарскиот фудбалер, оценувајќи дека таквите стартови може само да му наштетат на противникот.
Иако Канада направи голем чекор кон нокаут-фазата, целата нација сега се моли за брзо закрепнување на својот голем адут.











