Седумдесетгодишен скопјанец е десеттата жртва на вирусот Западен Нил во земјава. Пациентот починал во текот на викендот на Инфективната клиника, каде повеќе од еден месец лекарите се бореле за неговиот живот.
Според досега регистрираните податоци, во земјава се потврдени вкупно 70 случаи на зараза со вирусот Западен Нил, од кои 10 завршиле со смртен исход.
Од починатите, девет пациенти биле од Скопје, а еден од Куманово. Станува збор главно за повозрасни лица кај кои биле присутни повеќе хронични, односно коморбидни заболувања.
Западнонилската треска се пренесува преку убод од заразен комарец, а кај дел од заразените може да предизвика сериозни невролошки компликации.
Надлежните здравствени институции продолжуваат да ја следат состојбата и бројот на регистрирани случаи на инфекцијата во земјава.












