Првостепениот суд при Специјализираните совети во Хаг утрово треба да ја изрече пресудата за четворица поранешни команданти на ОВК – Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи – кои се товарат за воени злосторства и злосторства против човештвото поврзани со најмалку 407 притворени лица, од кои најмалку 102 биле убиени.
Атмосферата во Хаг е напната, поддржувачи на ОВК чекаат пред судот за да ја слушнат пресудата. Најавени се масовни протести за денес, објави РТС. Присутно е силно полициско обезбедување. Собири се најавени и во Приштина.
Силни полициски сили се распоредени пред судот во Хаг, јавува дописникот на РТС.
Поддржувачи кои истакнуваат знамиња на ОВК се собираат во центарот на Приштина, додека бројни новинарски екипи ја следат ситуацијата и атмосферата пред изрекувањето на пресудата за Хашим Тачи и тројцата негови сообвинети во Хаг. Поради најавените собири и можните протести, амбасадите на САД, Обединетото Кралство и Франција ги предупредија своите граѓани да бидат внимателни и да избегнуваат големи групи луѓе.
Полицијата во Приштина најави засилени безбедносни мерки и активности за одржување на јавниот ред и мир во врска со пресудата за поранешните лидери на ОВК.
Во Специјализираните совети во Хаг сè е подготвено за изрекување на првостепената пресуда против Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи – четворица поранешни команданти на таканаречената ОВК, обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото. Се очекува изрекувањето на пресудата да трае меѓу еден и еден и пол час, со оглед на сложеноста на случајот. Пред почетокот на постапката, новинарите што го следат судењето изразија различни очекувања – од ослободителна до осудителна пресуда.
Во текот на судењето, кое траеше повеќе од три и пол години, постапките и изјавите на судскиот совет не дадоа јасен показател за тоа каква ќе биде конечната одлука.
Пред зградата на судот се очекуваат семејствата на четворицата обвинети, бројни медиумски екипи од Србија, Косово и Албанија, како и претставници на привремените институции во Приштина.
По повеќе од три години судење, вниманието сега е насочено кон судскиот совет и моментот кога ќе биде соопштена одлуката за четворицата поранешни команданти на ОВК.












