Четири лица загинаа, а едно е тешко повредено во Топола откако се обиделе да спасат маж кој паднал во септичка јама. Трагедијата се случила поради задушување од гасови, најверојатно амонијак.
Токсикологот Радомир Ковачевиќ за Euronews Србија објасни како се случуваат вакви трагедии и како може да се спречат.
„Ова е класичен пример на акутна интоксикација со гас во затворен простор“, вели Ковачевиќ.
Според него, првиот човек кој паднал во јамата најверојатно веднаш вдишил висока концентрација на отровни гасови и изгубил свест. Останатите, во обид да го спасат, несвесно влегле во истата смртоносна атмосфера, што довело до задушување и нивна смрт.
“Тоа веќе не се тие импровизирани јами. Денес тие се армирани, херметички затворени бетонски базени. Кога ќе се отвори таква јама, доаѓа до ненадејна емисија на гасови – амонијак, метан, јаглерод моноксид, азот и сулфурни соединенија”, објаснува тој.
Амонијакот и сличните гасови делуваат брзо и разорно.
„Тие влегуваат преку респираторниот систем, кој има површина од 100 до 200 метри квадратни. Тоа се белите дробови, органот кој најбрзо ги апсорбира гасовите. Отровот стигнува до крвотокот за неколку секунди, а потоа до мозокот, срцето и црниот дроб“, вели Ковачевиќ.
Ова води до респираторен застој, губење на свеста и срцев удар – сето тоа во рок од неколку минути.
„Во овие услови терапијата е речиси невозможна бидејќи телото не може доволно брзо да се справи со отровот. Тоа е акутна, брза и многу сериозна интоксикација“, предупредува тој.
Како да се спречат вакви трагедии?
Природната човечка реакција да се помогне на некого што има потреба, во овој случај за жал беше фатална.
„Нашиот инстинкт, алтруизмот е тој што нè принудува да помогнеме. Но, без заштитна опрема, тоа значи директна изложеност на смртоносни гасови“, вели Ковачевиќ.
Тој додава дека сличен инцидент е забележан и во неговиот роден град Александровац кога три лица загинале обидувајќи се да спасат едно.
„Реакцијата е брза, а исходот трагичен. Првиот паѓа, вториот го следи, третиот се обидува да го извлече. Ако нема вентилација, никој нема шанса“, посочува тој.
Пред сè, неопходно е технички правилно да се дизајнираат јами за отпад и да се обезбеди нивно безбедно користење.
„Мора да има механички системи за евакуација – потопни пумпи, цевководи, вентилација. Влегувањето во такви простори мора да биде последно средство и со соодветна заштитна опрема и детектори за гас“, вели тој.
Ковачевиќ предупредува дека многу објекти не се изградени согласно безбедносните стандарди.
„Доколку животните умрат и се остават во јама доаѓа до распаѓање и испуштање гасови. Без техничка контрола и безбедносна проценка, ваквите несреќи се само прашање на време“, заклучува токсикологот.