Се очекува во фокусот на истрагата на случајот да биде прашањето зошто не биле проверени луѓето што биле отседнати во хотелот, како и целиот хотел, со оглед на тоа што напаѓачот Кол Томас Ален го внел оружјето во него регистрирајќи се како гостин, ден претходно. Безбедносни стручњаци и тајни агенти сметаат дека овој пропуст се случил затоа што не се доволно мотивирани агентите, со оглед на тоа што веќе неколку месеци американската служба за внатрешна безбедност, ДХС, е во блокада
На 30 март 1981 година, тогашниот американски претседател, Роналд Реган, беше ранет во обид за атентат во хотелот „Вашингтон Хилтон“, истиот хотел во кој во саботата вечерта се случи пукање во текот на гала-вечерата на Здружението на дописници од Белата куќа, на која присуствуваше американскиот претседател, Доналд Трамп.
Реган го преживеа обидот за атентат, но беше сериозно ранет од куршум што рикошетирал од претседателската лимузина, му скршил ребро и му прободел еден од белите дробови, пишува Би-би-си. Тој бил итно префрлен во блиската Универзитетска болница „Џорџ Вашингтон“, од каде што бил отпуштен на 11 април. Џон Хинкли Џуниор е човекот што го застрела Реган додека одеше кон својата лимузина, по говорот во хотел. Во тој обид за атентат беа ранети и неговиот портпарол, Џејм Брејди, кој претрпи тешки повреди на мозокот со кои се бореше додека беше жив, а почина од последиците од нив, агент на Тајната служба и локален полицаец. Атентаторот прво беше згрижен во високообезбедуван оддел во болницата „Св. Елизабет“ во Вашингтон, од каде што беше отпуштен во 2016 година и прогласен за невин поради неразумност.
На ѕидот на хотелот сè уште стои плоча што го означува местото на овој настан. Сега се поставува прашањето како се дозволи негова своевидна реприза, во која е погоден само еден член на обезбедувањето, кој, за среќа, помина без повреди зашто носеше панцир. Дали потфрли претседателското обезбедување? Самиот напаѓач, 31-годишниот Кол Томас Ален, во манифест што го испратил до блиските пред нападот напишал дека не верувал дека толку лесно ќе може да се „протне“ во хотелот. Хотелот бил затворен за јавноста само неколку часа пред настанот, а тој влегол во него претходниот ден, регистрирајќи се како гостин. Со себе носел пушка, пиштол и неколку ножа. Затоа се очекува во фокусот на истрагата, која е во тек, да биде прашањето зошто не биле проверени гостите во хотелот, како и целиот хотел. Присутните новинари забележуваат и дека во хотелот немало повеќе безбедносни пунктови, како што има обично на вакви настани.
Некои сметаат дека безбедносните служби коректно си ја завршиле работата, зашто напаѓачот не стигна подалеку од хотелското лоби и успеа да го пробие само надворешниот дел од обезбедувањето. Одговорните во службите за безбедност ангажирани во текот на настанот тврдат дека внатрешниот систем на контрола функционирал според предвиденото. Сите околу 2.300 гости на настанот, кои влегувале во главната сала, биле повеќепати проверени, за што сведочат и присутните новинари, кои велат дека морале да поминат и низ детектор за метал. Во салата, каде што се одвивал настанот, бил воспоставен дополнителен, внатрешен безбедносен прстен околу претседателот Трамп, со таканаречена тампон-зона што физички го одвојувала од другите присутни. Околу бината имало агенти, а во готовност биле и специјалните противтерористички тимови. Токму нивната брза реакција овозможила Трамп да биде евакуиран во рок од неколку секунди по првите истрели.
Анализирајќи го овој случај, „Ројтерс“ наведува дека е прерано дефинитивно да се каже дали имало безбедносни пропусти или недоразбирање во комуникацијата. Но, тоа што се случи инцидентот по помалку од две години од двата обиди за атентат врз Трамп, во текот на претседателската кампања, сугерира дека дури и најсеопфатниот безбедносен систем во земјата има ранливост, оценува агенцијата. Безбедносни стручњаци и тајни агенти сметаат дека се случил овој пропуст затоа што не се доволно мотивирани агентите, со оглед на тоа што веќе неколку месеци американската служба за внатрешна безбедност, ДХС, е во блокада. Од тој аспект, овој случај се смета за многу сличен со оној од пред извесно време, кога еден напаѓач се обиде да влезе во резиденцијата на Трамп во Мар-а-Лаго на Флорида.
Американскиот претседател и уште неколкумина високи функционери буквално беа извлечени од салата само по неколку секунди од пукањето во ходникот. Во текот на импровизираната прес-конференција во Белата куќа, веднаш по инцидентот, Трамп ги пофали службите за итни случаи и обезбедувањето, како и Тајната служба. Тој, исто така, зборуваше за опасностите од претседателствувањето, потсетувајќи дека некои од неговите претходници биле убиени во атентат, но додаде дека осомничениот во хотелот „Хилтон“ не бил ни блиску да ја „пробие“ вратата од салата.
– Тоа не е особено безбедна зграда – рече Трамп за хотелот, кој е на околу десет минути возење од Белата куќа, алудирајќи на атентатот на Реган.












