Во последниот месец во Формула 1, многу се пишуваше и шпекулираше за статусот на Макс Верстапен во Ред бул, односно на Оскар Пјастри во Мекларен. Четирикратниот светски шампион, Макс Верстапен, се сретна со шефот на тимот на Мекларен, Зак Браун, кој веднаш рече дека не размислува неговиот тим за промена на возачите и дека Ландо Норис и Оскар Пјастри имаат важечки договори.
Но, кога стигнуваат некои работи до медиумите, јасно е дека има нешто таму. Бразилскиот портал „Grandepremio“ објавува дека Оскар Пјастри не е задоволен од својот статус во Мекларен и сериозно размислува за активирање на клаузулата што би му овозможила да го напушти британскиот тим на крајот од сезоната.
Во Мекларен знаат за негодувањето на Пјастри, кое најмногу беше предизвикано минатата сезона, кога се случија одредени работи на трките, кои беа на негова штета, а во корист на Ландо Норис. Ова подоцна предизвика Австралиецот да ја загуби титулата, а Англичанецот да го прифати вредниот трофеј.
Доколку Оскар Пјастри го напушти Мекларен, британскиот тим наводно ќе го ангажира Макс Верстапен. Тоа сигурно би бил најголемиот трансфер во последните неколку години во Формула 1. Холанѓанецот има право да го напушти Ред бул на крајот од сезоната ако не постигне одреден број победи, што би ја активирало клаузулата за неконкурентност на автомобилот.
За потсетување, минатата сезона Оскар Пјастри, кој имаше одличен почеток на сезоната, ја загуби својата позиција во тимот на Мекларен, а потоа и титулата. Во текот на 2025 година, тој водеше во шампионатот на возачи на девет трки до крајот, но на крајот титулата ја доби неговиот тимски колега.
Според веб-страницата „Grandepremio“, односот меѓу Пјастри и тимот почнал да се влошува по Големата награда на Италија и трката во Монца, кога одлучил Мекларен да му даде предност на Норис за да ја исправи грешката направена во текот на запирањето во боксот, што го чинеше Пјастри второто место на трката.
Бразилскиот портал наведува дека настанот предизвикал незадоволство не само кај Оскар Пјастри туку и кај неговиот менаџер, Марк Вебер. Оттогаш Австралиецот немал резултати на патеката како во текот на првиот дел од сезоната и било видливо дека Мекларен го притискал Норис повеќе, без оглед на дипломатските изјави на раководството на тимот.












