Да се научи или да се снајде, прашање е сега?!

Матурантите пред предизвикот за полагање на Државна матура

210

Да научиш или да се снајдеш (читај да препишеш), прашање што си го поставуваат 15 илјади матуранти пред државните испити што ќе се случат на 31 мај и 11 јуни. Откако минатата година 7.000 идни академски граѓани, креирале група во која си ги споделувале решенијата од испитот по македонски јазик, годинава од Државниот испитен центар ги засилуваат мерките против препишувањето. На учениците и набљудувачите нема да им биде дозволено да носат со себе мобилен телефон, туку ќе мораат да го остават на посебно место. Наравоучението дојде по ланската матура кога децата носеле и по два телефони, го фотографирале тестот, а по неколку часа почнале да се споделуваат одговорите. Тогаш ДИЦ поништи резултати од над 250 матуранти, а вината ја гледаше кај контролорите кои допуштиле да се случи тоа. Испитниот центар на повторен конкурс бара оценувачи за матурата, а во подготовка е и испитниот материјал. Матурантите ќе полагаат во салите за физичко, а оние средни училиште кои немаат спортски сали, нивните ученици ќе се тестираат во амфитеатрите на факултетите.

„Сите училишта кои ги исполнуваат просторните можности, согласно Правилникот за организирање државна матура, што значи метар и половина растојание пред и зад ученикот и од страна, имаат можност да полагаат во големите простории кои ги имаат во училиштата, а тоа се фискултурните сали или холовите. За останатите училишта, кои немаат такви можности или не ги исполнуваат просторните услови, државната матура ќе се организира на други локации, поточно на факултетите“, велат од ДИЦ. Иако беше најавено, сепак од испитниот центар велат сега оваа година нема да бидат поставени блокатори за мобилни телефони. Двата екстерни испити од државната матура 2024/2025 година ќе се полагаат на 31 мај и 11 јуни. За полагање се пријавени околу 15.004 матуранти. Минатиот месец матурантите работа на проектната задача која, заедно со екстерните и интерните испити, е дел од државната матура. Објавени се и тестови од минатите години заедно со точните одговори, што им помага на матурантите како подготвителен материјал. Лани средниот матурски успех од спроведениот прв испит беше оценет со 3,25. Според измените во Законот за средно образование, во следната учебна 2025-26 година матурантите за прв пат ќе се соочат со три вида на државна матура, во зависност од средното образование што го завршуваат, односно Државна матура за гимназии, Државна матура за стручни училишта и Државна матура за уметнички училишта. „Со Државната матура имаат право да конкурираат на сите факултети, додека со Државната професионална матура можат да се ориентираат во насоките каде што биле претходно. Ако биле во технички, електротехнички или машински училишта тогаш нивната ориентација е кон техничките факултети и транзицијата кон нив е полесна бидејќи, тие се подготвени за тоа. Ако некој од отсекот машински избере да аплицира на Економскиот или Правниот факултет тогаш ќе се пријави на Општата државна матура “, појаснија пред две недели од ДИЦ. Бројот на завршени средношколци кои не продолжуваат на факултет останува многу мал, па во законот е предвиден и советник за кариера и практичен организатор за оние кои со диплома од средно ќе се понудат на пазарот на труд. Во јунската испитна сесија, на 31 мај ќе се полага мајчин јазик, а на 11 јуни математика, странски јазици, филозофија и естетика. (П.А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ