Не е проблем системот „Мој термин“, проблем е што нема доктори, ова е состојбата во македонските болници, особено во внатрешноста, откако изјави министерот за здравство дека не се одржува системот 18 месеци и го отвори прашањето со закажувањето термини за преглед во секундарното здравство. Информацијата што ја сподели министерот Сашо Клековски беше во контекст на закажувањето за вакцинација против сезонски грип, иако беше најавено дека ќе оди преку „Мој термин“, интернет-пријавувањето почна преку веб- порталот вакцинација.мк
– Вие знаете, 18 месеци не функционира „Мој термин“, бидејќи нема договор за одржување, се разрешува тоа, ќе биде активна – изјави министерот Клековски.
Во моментов системот се одржува со донации од приватна фирма, информира директорот на Управата за електронско здравство, Фикрет Шабани, и уверува дека нема застој во работата на системот.
– Може малку да забави кога се надградува, но секунди се во прашање. Последниот повик за избор на најповолен понудувач за одржување на системот се поништи поради неисполнети услови. Во тек е нов, од страна на Министерството за здравство. Нагласувам дека во последниве 48 месеци сме немале прекин ниту 48 секунди, закажувањето оди нормално – вели директорот на „Мој термин“.
Шабани вели дека работат и на забелешките од Државниот завод за ревизија за листите на чекање за операции, системот ќе се надградува и ќе има јасна слика за датумот на упатот и за вкупниот број операции од лекарот.
Ако функционира системот, тогаш се поставува прашањето зошто чекаат пациенти со месеци за преглед. Еден таков пример е состојбата во Општата болница во Велес. Пациент споделува искуство со нашата Редакција дека докторите, поради долгите листи на чекање, им издаваат 24 или еднонеделен упат.
– Јас сум хронично болен поради лошата состојба во текот на ковид-пандемијата. Ако не го добиев брзиот упат, кој знае кога ќе бев прегледан од страна на интернистот. Лекарите ни излегуваат во пресрет, мојот преглед беше кај интернист што доаѓа од Скопје и на овој начин се избегнува и метежот пред ординациите – вели повозрасен пациент од Велес.
Директорот на болницата, Александар Бузалков, ја потврдува ваквата состојба, бидејќи само на тој начин ќе им се излезе во пресрет на пациентите, од кои голем дел имаат итна нужда за преглед.
– Листата на прегледи преку „Мој термин“ е долга, а ние располагаме со малку специјалисти. Конкретно за интернистичкото одделение тука, имаме петмина доктори, двајца се од Градската болница „8 Септември“, друг од Клиничката болница од Скопје, некои ќе заминат во пензија. Има денови кога, преку системот, има по 20-30 луѓе дневно, па кардиолог прави и општа опсервација на пациентите. Гледаме да ги задоволиме потребите. Еве, покриени сме веќе и со очен лекар, но секаде е евидентен недостиг на специјалисти – објаснува директорот Бузалков за весникот ВЕЧЕР.
При теренската проверка, една од забелешките на ДЗР беше и тоа дека во одредени јавни здравствени установи недостигаат листи на закажани прегледи, што создава ризик пациентите со приоритетни или со итни упати, кои немаат редовно закажан термин, да бидат примени пред оние што веќе имаат термин и чекаат подолго.
Многу од пациентите, во неможност да чекаат за преглед во државното здравство, се решаваат за приватно, каде што цените се неколкукратно повисоки. Често ваквите забораваат да го откажат терминот во јавното здравство, со што би му отстапиле можност за дијагностика на друг. Според податоците објавени од Управата за електронско здравство за јануари 2025 година, биле закажани 214.285 прегледи со термин. Од нив, 26.217 биле откажани, додека за 34.406 закажани упатувања не бил евидентиран прием, а термините не биле откажани.
Од лани, за поголема транспарентност, реално може да се следат и листите за операции, но долгите листи често ги тераат пациентите на кои им е итно да закажат операција по работното време кај истиот доктор во истата болница, но на приватно. Според податоците на Фондот за здравствено осигурување, заклучно со мај 2026 година, повеќе од 659 пациенти чекале операција за вградување вештачки колк во трите најголеми ортопедски центри во државава. Во ТОАРИЛУЦ во Скопје, чекањето за ваква операција достигнувало до година и пол, додека во „Свети Еразмо“ во Охрид пациентите чекале до девет месеци. Дополнителен проблем е што листите на чекање не ја прикажуваат целосно реалната состојба. (П. А.)












