Првиот човек на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, ја искористи паузата помеѓу првиот и вториот циклус со натпревари од новото издание на Лигата на нациите и јавно да застане во одбрана на оној што беше најкритикуван од навивачите за серијата порази, селекторот Гоце Седлоски.
Претседателот на ФФМ, во интервју за „Телма“, му даде безрезервна поддршка на селекторот Гоце Седлоски и додаде дека се претерани и неоправдани критиките и нападите кон него.
Тој потврди дека Седлоски, кој откако седна на жешкото столче, има шест порази и два нерешени резултати, ја има целосната поддршка од раководството на ФФМ и од спортскиот сектор, нагласувајќи дека е потребно време за создавање препознатлив стил на игра и за приспособување на фудбалерите кон барањата на новиот селектор.
– Апсолутно ја има поддршката. Јас не сум човек што така лесно ги пушта луѓето низ вода, особено кога ќе влезете во вакви процеси. Гоце Седлоски го докажал своето знаење со титули, освоени купови. И последните двајца селектори почнаа лошо ако се сеќавате, со многу послаби противници. Тие немаа, на првите седум, осум или 10 натпревари, вакви противници од ваков ранг и имаа лоши резултати, односно променливи резултати. Тоа е разбирливо во фудбалот. Треба почеток на привикнување, играчите да ги разберат неговите карактер и размислување. Мислам дека е преголема критиката врз него и дека се неоправдани тие напади. Меѓутоа, свесни сме сите што сме на овие позиции дека сме подложни на напади, навреди и критики. Тоа е составен дел од фудбалот, тоа е нормално. Меѓутоа, тој ја има нашата поддршка и ќе продолжи да ја има од сите нас што сме во раководството и во спортскиот сектор, затоа што знаеме дека не е лесно ова – кажа Омерагиќ.
На јавноста и на навивачите им е јасно како ден дека Омерагиќ со сите сили ќе го брани Седлоски, под чие водство Македонија нема постигнато гол 787 минути, а прими вкупно 18, затоа што ако го смени, ќе мора да признае дека заедно со своите соработници направил погрешен избор и дека без потреба јавно го навредуваа поранешниот предводник на „црвено-жолтите“, Игор Ангеловски, кој и понатаму е најуспешен селектор во македонската фудбалска историја.
Во текоѕ на интервјуто, Омерагиќ ги образложи и одлуките на селекторот Гоце Седлоски да повика фудбалери од домашното првенство, посочувајќи дека нивните статистички показатели се доволна причина да добијат шанса во националниот тим.
– Двата шпица што се повикани од македонското првенство, имаат заедно дадено 36 гола. Едниот има седум асистенции, другиот пет или шест. Колку имаат другите напаѓачи што беа во конкуренција? Сакате фудбалски да зборуваме? Не бегам од ниту една тема. Видете ја статистиката – порача Омерагиќ.












