Акцијата „Генералка викенд“ од петок па се’ до недела ќе обедини десетици илјади волонтери во повеќе од 80 општини, со цел чистење на јавните површини и дивите депонии. Организаторите од „Мен енд Маунтен“ очекуваат рекордна вклученост на институции, компании и граѓани. Покрај чистењето, фокусот е ставен и на подигање на јавната свест и поттикнување на селекција и рециклирање на отпадот. Пораката останува јасна – грижата за животната средина треба да стане секојдневна навика, а не само еднократна акција.

Пред нас е уште една акција на најмасовната еко-акција во земјава и целиот Балкан „Генералка викенд“ која годинава ќе се одржи од 8 до 10 мај истовремено во голем број општини. Акцијата под официјалното име „Генералка Викенд“ започна во 2021 година и со годините прерасна во најголемата еколошка иницијатива во Македонија чија главна цел е отстранување на отпадот од јавните површини, парковите и дивите депонии во градовите и околината.
Организаторите на настанот – Гордана Софија и Јоханес Јекл од „Мен енд Маунтен“ очекуваат рекорден еко настан кој ќе мобилизира десетици илјади волонтери од 80 општини, 600 организации, јавни институции и приватни компании, што само говори дека „Генералка викенд“ прерасна во национална годишна традиција која докажува дека грижата за својата земја може да обедини луѓе од различни, општествени, културни и јавни средини.
Овие еко акции се организирани и координирани од општините во соработка со Црвениот крст. На пример, од Општина Битола годинава се вклучени 15 училишта, основни, средни, градинки, здруженија, културно уметничко друштво, средношколски дом, а определени се 12 локации, односно диви депонии.
„Генерлка викенд“ официјално ќе биде отворена утре во 9 часот и ќе го води Град Скопје со чистење на кејот на реката Вардар. Еко акцијата е организирана и поделена во осум тимови, на потегот од реката Лепенец до мостот „Киро Глигоров“ ќе бидат распоредени на северната и јужната страна на реката Вардар. Во соработка со „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ ќе бидат мобилизирани стотици волонтери од приватни компании, институции и училишта за да ја исчистат најголемата зелена и рекреативна зона во главниот град.

Помеѓу многуте активности, се спроведуваат и посебни акции како што се: чистење на дивите сметилишта во Националниот парк „Шар Планина“, предводени од 20 припадници на Вооружените сили на Македонија, чувари на Националниот парк, експертски тим на австриската компанија за управување со отпад Саубермахер и локалното население. Како и еко акција во Охрид (Конгресен центар), за заштита на крајбрежјето, во соработка со студенти и професори од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Општина Охрид, клубовите „Сороптимист Мома Охрид“ и „Сороптимист Вадуц“ како дел од најстарата и најголема светска женска организација „Сороптимист Интернешнл“ и со поддршка на „Саубермахер“.
Но, целта на „Генералка викенд“ не е само собирање на отпадот, туку нешто многу подолготрајно како што е и поддршка на процесот на селекција и рециклирање, поврзувајќи ги граѓаните со локалните комунални претпријатија и приватните собирачи на отпад. Подигнување на јавната свест преку масовноста (учество на училишта, администрација и волонтери), целта е да се промени менталитетот и да се поттикне грижата за животната средина како секојдневна навика, а не само како викенд настан.
Покрај сите активности за чистење на терен, преку соработката меѓу Министерството за образование и наука и УНИЦЕФ, еко-образовната програма „Еко час“ се спроведува во училиштата низ целата земја и во соработка со „Генералка викенд“.
Пораката на иницијативата и натаму останува иста – Да се извалкаме и да исчистиме!
(С.Бл.)












