На денешното отворање на американските берзи, акциите беа во минус, бидејќи цените на нафтата продолжија да растат додека инвеститорите чекаат понатамошен развој на војната со Иран.
Акциониот индекс S&P 500 падна за 0,3 проценти, Nasdaq за 0,6 проценти, а Dow Jones беше во застој, објави „Си-ен-би-си“.
Цените на нафтата повторно пораснаа денес, при што просечната цена на американската сурова нафта VTI се зголеми за речиси еден процент на околу 96 долари за барел, додека светската референтна нафта Брент се зголеми за ист процент, на околу 101 долар за барел.
Цената на суровата нафта Брент во четвртокот достигна цена над 100 долари за барел, за прв пат од август 2022 година.
Цената на нафтата скокна на претходната сесија откако новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, изјави дека Ормутскиот теснец, критична рута, треба да остане затворен како „средство за притисок врз непријателот“.
Сообраќајот во теснецот е практично запрен откако САД и Израел започнаа напади врз Иран кон крајот на февруари, а инвеститорите со нетрпение очекуваат напредок на тој план.
Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, во четвртокот ги отфрли стравувањата дека затворањето на преминот по избувнувањето на војната ќе остане проблем.
„Се справуваме со тоа и не мора да се грижиме за тоа“, рече тој.
Акциите со најдобри резултати беа компаниите во секторот за услуги.
Старбакс го предводеше патот, со раст од 18 проценти од почетокот на годината, со добивка од 1,8 проценти досега во март.
Од друга страна, акциите на „Мекдоналдс“ пораснаа за шест проценти оваа година и покрај тоа што паднаа за повеќе од четири проценти од почетокот на месецот, а синџирот за брза храна ќе ја освежи својата понуда во април, вклучувајќи пакет за појадок од четири долари, пренесува „Танјуг“.












