среда, август 19, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Цените на храната ќе растат, а најмногу на лебот и на тестенините

Цените на храната ќе растат, а најмногу на лебот и на тестенините

0

Нов бран поскапување на храната се очекува во следните месеци, а најголем притисок може да има врз производите што секојдневно ги купуваме, како лебот, тестенините, овошјето, зеленчукот и млечните производи.

Според најновата анализа на „Оксфорд економикс“, глобалните цени на храната се очекува годинава да пораснат за 11,8 отсто, а растот да продолжи и во 2027 година, со дополнителни 4,8 отсто.

Причините се повеќе. Екстремните горештини и сушата во Европа веќе направија штети врз земјоделските култури, додека земјоделците истовремено плаќаат поскапи енергија и ѓубрива. Дополнителен притисок врз цените создаваат војните во Украина и на Блискиот Исток.

Најмногу може да поскапи пченицата. Нејзината цена во третиот квартал од годинава се очекува да биде околу 36 отсто повисока во споредба со тој период лани. Тоа може постепено да се пренесе и врз цените на лебот, тестенините, бисквитите и на житарките за појадок.

Поскапувањето кај свежата храна би можело да се почувствува побрзо. Економистите проценуваат дека може да се забележат повисоки цени на овошјето и на зеленчукот веќе во октомври и ноември. Кај преработената храна, ефектот доаѓа со задоцнување, а најсилно би можел да се почувствува меѓу февруари и мај следната година.

Сепак, прогнозираниот раст од 11,8 отсто се однесува на глобалните цени на земјоделските суровини. Тоа не значи дека автоматски ќе поскапат сите производи во маркетите за истиот процент. Крајната цена зависи и од трошоците за производство, транспорт, преработка и трговија.

Според процените, месото би требало да биде помалку погодено од новиот ценовен бран, додека најголем ризик од поскапување има кај житарките, овошјето, зеленчукот и кај млечните производи.

ИЗДВОЕНИ