четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Царскиот рез како антибиотик, здравствените власти ќе ги менуваат протоколите

Царскиот рез како антибиотик, здравствените власти ќе ги менуваат протоколите

113

Зголемениот број на породувања со царски рез е аларм здравствените власти да ги менуваат протоколите за породување на овој начин.  Според директорката на ГАК, д-р Ирена Алексиоска-Папестиев, царскиот рез е оправдан кога е загрозен животот на мајката или бебето, но не треба да се применува рутински. Светската здравствена организација препорачува стапка од 15 до 20 проценти, додека на глобално ниво таа достигнува околу 33 проценти. Според неа, клучно е да се ревидираат клиничките протоколи и да се намали бројот на непотребни царски резови.

„Потребна е координација на сите нивоа – од Клиниката каде доаѓаат најсложените случаи, до приватните болници каде пристапот е полиберален“, вели Алексиоска-Папестиев. Здравствените власти мора да отпочнат и со кампањи во руралните средини за подигнување на свеста кај родилките.

„По третиот царски рез, сите протоколи предвидуваат стерилизација, бидејќи секој нареден носи сериозни ризици. Но, без согласност на пациентката, тоа не може да се направи“, објаснува директорката и потсети на последниот случај на смрт на родилката која по третата бременост  одбила стерилизацијата -одлука која по петта бременост, ја чинело живот.

Просечната возраст на жените при првото породување во Македонија, според податоците на Евростат, достигнува 27,8 години, што е значително зголемување во однос на претходните децении. Во комбинација со намалениот број жени во фертилен период, ова создава нови предизвици за здравствениот систем.

Директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, д-р Ирена Алексиоска-Папестиев, предупредува дека трендот на одложено мајчинство носи и зголемен ризик од компликации.

„Сѐ повеќе жени почнуваат да раѓаат на повисока возраст, кога имаат значителен број коморбидитети. Треба да обрнеме внимание и на мајчиниот морталитет“, вели таа. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ