понеделник, јуни 15, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Царината воведува единствен идентификациски број EORI

Царината воведува единствен идентификациски број EORI

31

Царинската управа, со грант од ЕУ, имплементира клучни реформски проекти вредни 14 милиони евра, чија цел е забрзана интеграција во единствениот пазар на Унијата и зголемување на конкурентноста на македонската економија.

Како што соопштија од Царината, се работи за неколку проекти што треба да го модернизираат работењето.

– Суштински чекор е воведувањето единствен идентификациски EORI- број за компаниите и за физичките лица, со кој се воспоставува унифициран систем за идентификација на економските оператори и на физичките лица во царинските постапки. Системот овозможува поефикасно управување со царинските процеси и подобра идентификација во случај на потенцијални закани. По успешно спроведениот пилот-проект, следува тест-фаза, по што ќе започне и официјалната примена на системот, со што државата целосно ќе се усогласи со европските царински стандарди во овој домен – се наведува во соопштението.

Паралелно со овој проект, се работи и на проект за автоматизација на царинските терминали, со кој, како што велат од Царината, се издигнува на ниво на модерна европска царинска служба, овозможувајќи целосна модернизација на процесите.

– Во моментов, во тек е евалуација на понудите од распишаниот меѓународен јавен повик за набавка на опрема, чија имплементација значително ќе го забрза транспортот, особено на најфреквентните гранични царински терминали – велат од Царинската управа.

Дел од проектите се финансираа и преку ИПА-програмата „ЕУ против организиран криминал и поддршка на трговијата“, со грант-средства од два милиони евра.

– Со нив ги зајакнуваме капацитетите на Секторот за контрола и истраги со нови специјализирани возила, опрема, како и со нов ИТ- систем за поефикасно менаџирање на кривичните предмети – се наведува во соопштението.

Со поддршка од ЕУ, се работи и на реконструкција и модернизација на царинските премини.

– Се работи на возобновување на граничниот премин Маркова нога со Грција, воспоставување нов граничен премин Клепало и на реконструкција и модернизација на граничниот премин Делчево со Бугарија.

Во рамките на реформите за побрза интеграција во Европската Унија и Планот за раст, Царинската управа активно работи на надградба на транзитниот систем преку воведување на фазата 6 од новиот компјутеризиран транзитен систем, за кој се обезбедени средства од државниот буџет. Со неговата имплементација, дополнително ќе се забрза протокот на движење на стоки, овозможувајќи да се проверат сите безбедносни податоци уште пред да пристигне стоката на граница, со што значително се скратуваат процедурите на самите премини.

ИЗДВОЕНИ