
Четири дена по посетата на американскиот претседател, Доналд Трамп, на Кина, гостин на претседателот Шји Џинпинг ќе му биде рускиот претседател, Владимир Путин. Тој треба да отпатува во дводневна посета на Кина утре, откако со Џинпинг, во неделата си разменија писма со честитки.
Шји изјави дека билатералната соработка меѓу Русија и Кина „продолжи да се продлабочува и зајакнува“, бидејќи оваа година се одбележува 30-годишнината од стратешкото партнерство на двете земји, објавија кинеските државни медиуми. Во статија објавена денеска во државниот таблоид „Глобал тајмс“, се наведува дека посетите на американскиот и на рускиот претседател покажуваат дека Пекинг „наскоро станува центар на глобалната дипломатија“.
– Тесно поврзаните посети привлекоа големо внимание, а аналитичарите истакнуваат дека е исклучително ретко во периодот по Студената војна една земја да биде домаќин на лидерите на САД и на Русија еден по друг, во рок од една недела – објави „Глобал тајмс“, цитирајќи го „Гардијан“.
Продлабочувањето на односите меѓу Кина и Русија предизвикува загриженост на Западот, особено откако Москва почна целосна инвазија врз Украина во 2022 година. Двајцата лидери оттогаш се сретнаа повеќе од 40 пати, што е далеку поголем број од средбите на Шји со западните лидери.











