Музејот на Народната банка оваа година го одбележува Меѓународниот ден на музеите, 18 Мај, организирајќи големa виртуелна едукативна дружба со деца на училишна возраст од различни делови на светот, обединети во желбата да ги откријат тајните на исклучителната македонска ризница на антички и средновековни пари што се чуваат во нашиот музеј, што e отворен за јавноста секој работен ден од 9:00 до 15:00 часот.
Музејското патување низ монетарното минато на нашата земја беше насловено „Без граници, без препреки“, во духот на годинашната тема на Меѓународниот комитет на музеите „Музеите што го обединуваат поделениот свет“.
Кустосите од Музејот на Народната банка одржаа настан за учење и паметење за 80 македонски деца што се ученици во Австрија, Белгија, Норвешка, Хрватска, Австралија, Франција, Италија, Германија, Шведска, Холандија, Велика Британија, Данска, Канада и во земјава, кои можеа интерактивно да се дружат и да дознаат необични факти за нумизматичкото културно наследство на нашата земја.
Возбудливото враќање во минатото заврши со кратко откривање на некои од тајните на изгледот на денешните македонски пари, а потоа и со прогласување на победниците на интерактивниот квиз.










