На покана од претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, е во официјална посета на ФФМ.
Посетата претставува уште една потврда за одличните односи меѓу ФФМ и УЕФА, како на институционално така и на лично ниво. Македонската „Куќа на фудбалот“ е многу ценета во рамките на европското фудбалско семејство, а присуството на Александар Чеферин дополнително ја нагласува поддршката за развојните процеси во македонскиот фудбал.
Заедно со првиот човек на европскиот фудбал, во делегацијата се и Зоран Лаковиќ, директор за националните асоцијации во УЕФА, и Денис Бастари, раководител за развој на националните асоцијации во УЕФА.
Во рамките на посетата, претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, ќе оствари средба на највисоко ниво со претставниците на Владата на Република Македонија, со премиерот Христијан Мицкоски и со министерот за спорт, Борко Ристовски, по што ќе следува и работен состанок во „Куќа на фудбалот“.
Фокусот на разговорите е ставен на идните насоки за унапредување на фудбалот во Македонија, од реализација на значајни инфраструктурни проекти до дополнителен развој и поддршка на младинските категории.
Александар Чеферин важи за голем пријател на македонскиот фудбал, а неговата посета е јасна потврда за заложбите на ФФМ и на претседателот Омерагиќ за континуиран развој и за афирмација на фудбалот во земјата.
Дополнително, се очекува посетата да придонесе за продлабочување на соработката преку нови, конкретни проекти и иницијативи под капата на УЕФА, со цел создавање подобри услови за развој на фудбалот на сите нивоа.
ФОТО: ФФМ











