вторник, јуни 23, 2026
Дома КУЛТУРА Ристо Василевски и Роза Бојанова – добитници на „Книжевен жезол“ за 2026...

Ристо Василевски и Роза Бојанова – добитници на „Книжевен жезол“ за 2026 на Друштвото на писателите на Македонија

37

Лауреати на наградата „Книжевен жезол“ за 2026 година на Друштвото на писателите на Македонија се бугарската поетеса Роза Бојанова и македонскиот поет, академик Ристо Василевски. Годинава, ова меѓународно признание одбележува јубилеј – три децении постоење, а Друштвото го доделува за поетски опус на еден домашен и на еден странски автор.

Роза Бојанова (р. 1953 година во селото Раброво, Видинско, во Бугарија) има објавено преку 40 книги за деца напишани од нејзините дипломирани студенти од Шумен и Бургас, како и самостојни книги од возрасни уметници, учесници во литературното студио. Составувач и уредничка на антологии и зборници објавени во Бугарија и во странство. Учествувала на Струшките вечери на поезијата во Струга. Член е на Словенската литературна и уметничка академија во Варна и на Меѓународната литературна академија „Ориент – Окцидент“ во Букурешт. Добитничка е на национални и на меѓународни книжевни награди, меѓу кои: националната награда „Владимир Башев“, националната награда за лирика „Иван Пејчев“, македонската книжевна награда „Дедал“, меѓународната поетска награда „Неказано“ во Бар, Црна Гора, меѓународната награда за поезија „Ацо Караманов“ во 2025 година во Радовиш, како и на наградата „Златен Пегаз“ за животно дело. Таа е почесен граѓанин на Бургас.

Поетското творештво на Ристо Василевски брои повеќе од дваесет и две поетски книги, антологии, две книги поезија за деца и два романа за деца во стихови. Има објавено повеќе од дваесет книги со избор од неговата поезија, која е препеана на над триесет светски јазици. Самиот академик Василевски, со бројните преводи и препеви на дела од македонски автори од ХХ век, со составените антологии и со долгогодишниот ангажман во книжевниот живот, помеѓу другото, како директор на меѓународниот фестивал „Смедеревска поетска есен“, и како сопственик и главен и одговорен уредник на ИК „Арка“, придонесува за зближување и афирмација на литературните средини во регионот. Покрај поетското творештво, академик Василевски има значајна улога како преведувач и културен посредник меѓу македонската и српската книжевност. Токму оваа двојна творечка и културна активност, заедно со високите естетски дострели на неговата поезија, за која е добитник на голем број меѓународни награди и признанија, го потврдуваат академик Василевски како значајна фигура во современата македонска литература и достоен добитник на наградата „Книжевен жезол“.

„Книжевен жезол“ е награда на ДПМ основана во 1996 г. во време кога претседателка на ДПМ била Светлана Христова-Јоциќ, а нејзини први лауреати биле францускиот поет и критичар, Жак Гошрон, и нашиот поет и препејувач, Матеја Матевски. Наградата се состои од статуетка и од плакета, кои оваа година ќе им бидат врачени на лауреатите на свечената церемонија што ќе се одржи на 20 јуни, во Друштвото на писателите на Македонија. На свеченоста ќе бидат одржани  беседи за добитниците, а ќе бидат интерпретирани и нивни стихови.

ИЗДВОЕНИ