Македонија добива поевтин заем со значително пониска годишна каматна стапка на за реализација на инфраструктурните проекти, вели премиерот Христијан Мицкоски. Тој повтори дека целиот процес е транспарентен и нема можност за корупција. „Обединетото Кралство не е земја од која може да се краде. Ајде нека ми објасни некој како можете да крадете од Обединетото Кралство“ – нагласи Мицкоски.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, го оцени задолжувањето како преседан и кривично дело, потенцирајќи дека Македонија се соочува со економска криза. „Овој заем што го зедоа од Велика Британија е навистина преседан. Ние мислевме преседан е унгарскиот кредит, но можело и повеќе. Да земеш влада со влада, без контрола, пари со непознати камати, со непознати рокови  тоа е криминал. Тоа е како да одам јас со вашата лична карта во банка да земам кредит, да не ви кажам ништо, од утре вие да плаќате камати, пари, рокови, не знаете, ништо не сум ви кажал. Тоа е основа за кривично дело“.

Договорот со Обединетото Кралство денеска е пред пратениците кои треба да дадат зелено светло за заемот од 6 милијарди евра за финансирање инфраструктурни и здравствени проекти, вклучувајќи изградба на брза пруга од Табановце до Гевгелија. За да договорот стане оперативен треба да биде усвоен и во британската влада

 

Благодарение на ААА кредитниот рејтинг на Обединетото Кралство, а не македонскиот ББ, Македонија добива поевтин заем со значително пониска годишна каматна стапка на за реализација на инфраструктурните проекти, образложи премиерот Христијан Мицкоски. Тој рече дека каматата ќе биде „најдобрата што можеме во овој момент да ја добиеме како држава на пазарот“, а според пресметките би била пониска од 4,5 проценти.

– Не е предвидено непосредно задолжување кај конкретна финансиска институција. Наместо тоа, Министерството за финансии ќе распише јавен повик на меѓународниот пазар, каде што ќе учествуваат 18 до 20 потенцијални кредитори, вклучително и големи европски банки. Од нив ќе се избере оној што ќе понуди најповолни услови, и тоа преку транспарентна, конкурентна и отворена постапка – даде повеќе детали Мицкоски потенцирајќи дека сè уште не е отворен официјален дијалог за детали околу финансирањето и дека од она што го зборува „не е тоа сè официјално“.

Тој повтори дека целиот процес е транспарентен и нема можност за корупција.

– Обединетото Кралство не е земја од која може да се краде. Ајде нека ми објасни некој како можете да крадете од Обединетото Кралство – нагласи Мицкоски.

Во однос на времетраењето и отплатата, предвиден е грејс-период од пет години, при што првата фактура е предвидено да стигне на 1 јануари 2027 година, но Мицкоски истакна дека повеќе детали ќе бидат познати откако ќе се отворат конкретните преговори со избраниот финансиер.

Во делот за Статусот на договорот е прецизирано дека истиот не создава правно обврзувачки обврски ниту за двете страни, ниту за трети страни. Секој спор што би произлегол од неговата примена ќе се решава преку пријателски консултации, без можност за судски или арбитражен процес. Договорот е замислен како политичка и стратешка рамка, а не како класичен меѓународен договор со обврзувачка сила.

Инаку, договорот предвидува важност од 10 години од денот на стапување во сила, со можност за раскинување со писмено известување 60 дена однапред од страна на која било од страните. Прекинувањето нема да има ефект врз проектите кои се веќе започнати.

Надлежни за спроведување на договорот ќе бидат пет министерства, вклучувајќи ги Министерството за транспорт, Министерството за здравство, Министерството за енергетика, Министерството за дигитална трансформација и Министерството за надворешни работи и трговија, кои ќе ја координираат реализацијата на договорените активности и инфраструктурни проекти.

Што се однесува на економската соработка надвор од инфраструктурата, Мицкоски најави и потенцијален стратешки инвестициски проект.

– Потпишан е меморандум кој пред две недели помина на владина седница. Британска компанија изрази подготвеност да инвестира меѓу 250 и 300 милиони евра во безбедносно ориентиран производствен капацитет во Македонија, кој ќе генерирал извоз од една милијарда евра годишно. Засега, проектот е под договор за доверливост, но според премиерот, штом се финализира, деталите ќе ѝ бидат соопштени на јавноста – рече Мицкоски.

Договорот со Обединетото Кралство денеска е пред пратениците кои треба да дадат зелено светло за заемот од 6 милијарди евра за финансирање инфраструктурни и здравствени проекти, вклучувајќи изградба на брза пруга од Табановце до Гевгелија. За да договорот стане оперативен треба да биде усвоен и во британската влада.

Предлог-законот за ратификација на Договорот со Обединетото Кралство претходно беше едногласно усвоен од Комисијата за надворешна политика. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ нагласија дека ваквиот договор ќе овозможи економски развој на државата затоа што на располагање се ставаат пет милијарди фунти што е голема инјекција за економијата, а спроведувањето ќе биде контролирано.

– Имаме можност да допреме до пет милијарди фунти што е голем придонес во однос на состојбата што ја затекнавме. Не треба да бидеме скептични, Ова ќе придонесе за економскиот развој на државата. Ова е многу голема инјекција и ветува развој. Има многу можности и ќе има контрола, што секако е добро. Убедена сум дека македонската страна ќе направи се, оваа британска поддршка да се реализира и ќе се следи работата. Ова не се приватни зделки и лични интереси – рече пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска.

Опозицијата забележа дека не се работи за договор, туку за меморандум за соработка во кој се изразуваат намери на соработка.

– Содржината е коректна од аспект на меморандум, но формата меморандум да се прикаже како договор прави преседан во одлуките што ги носи Собранието и во иднина може да предизвика вакви меморандуми да бидат претставувани како договори – рече Димитар Ковачевски од СДСМ.

Владата уверува дека условите за враќање ќе бидат поволни, но експертите и опозицијата бараат повеќе транспарентност. Новиот заем е остро нападнат од опозицијата. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, го оцени задолжувањето како преседан и кривично дело, потенцирајќи дека Македонија се соочува со економска криза.

– Овој заем што го зедоа од Велика Британија е навистина преседан. Ние мислевме преседан е унгарскиот кредит, но можело и повеќе. Да земеш влада со влада, без контрола, пари со непознати камати, со непознати рокови  тоа е криминал. Тоа е како да одам јас со вашата лична карта во банка да земам кредит, да не ви кажам ништо, од утре вие да плаќате камати, пари, рокови, не знаете, ништо не сум ви кажал. Тоа е основа за кривично дело. Ама во нашата ситуација со Владата тоа е бизнис, очигледно – нагласи Филипче.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски пред гласањето на ја повика опозицијата на конструктивност и апелираше да гласа.

– Ние ги повикуваме да се приклучат на овој еден голем да речеме историски момент, а тоа е Договорот за стратешко партнерство. Фигуративно ќе кажам, возот е тргнат може да се качат ако сакаат. Мислам дека ова е последната станица на која можат да го фатат приклучокот. Сега е време на градење, придонесување за иднината на сите. Сега е време за Македонија – рече Мицевски и потсети дека договорот не е класифициран.

Овој договор, додаде, ќе овозможи пристап до знаење, искуство и експертиза од светско ниво. Македонија, според него, ќе има Британско искуство и помош, од кои ќе може да учи и по чии стандарди ќе се работи.

И пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов, го поздрави договорот и рече дека тој ќе даде поддршка на реализација на инфраструктурни проекти, во секторите, транспорт, здравство, технологија, енергетика и други критични сектори во државава.

– Секојдневно гледаме дека се остваруваат нови проекти во општините, фирмите земаат кредит и сега сакам да кажам дека работите во Република Македонија се движат на подобро и тоа е добро. Овој договор е влада со влада, Британија е држава која што ќе ги даде своите знаења во Македонија, ќе помага и 30% од работите ќе бидат изведени од нив. И трето, ќе си има јавни набавки и оној кој што е најдобар во Македонија ќе работи и оној којшто е најдобар во Британија ќе работи – рече Пренџов.

Наведувајќи ги сите позитивни страни кои произлегуваат од стратешкиот договор, тој истакна дека со брзата пруга и стоките што ќе транзитираат низ Македонија од грчките пристаништа кон Европа, државата ќе инкасира 120 милиони.

– Ако една пруга чини 2 милијарди, за 15-17 години, таа пруга само од себе ќе се исплати. Ова се крупни проекти. За овие проекти, мораме да станеме сите, од прв до последен. И сакам да кажам дека каматната стапка ќе биде најниска – рече Пренџов.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ