понеделник, септември 21, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА БЕРЗИТЕ ВО ПЛУС, НАФТАТА ПОЕВТИНУВА: Пазарите ги следат случувањата на Блискиот Исток...

БЕРЗИТЕ ВО ПЛУС, НАФТАТА ПОЕВТИНУВА: Пазарите ги следат случувањата на Блискиот Исток и падот на цената на златото

1

Цената на суровата нафта од типот „Брент“ денеска падна на 102 долари за барел, додека европските фјучерси за гас се движат околу 80,5 евра за мегават-час, а во меѓувреме, европските берзански индекси главно бележат раст, поттикнати од големите очекувања пред средбата меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг.

Ноемвриските фјучерси за нафтата „Брент“ од Северното Море паднаа за 1,71 отсто на 102,09 долари за барел, додека американската нафта WTI за испорака во октомври поевтини за 1,96 отсто на 98,33 долари, пренесува CNBC.

На падот на цените влијаеше проценката на аналитичарите од „JPMorgan Chase“, според која протокот на нафта од Блискиот Исток останал „изненадувачки силен“ и покрај прекините во работата на саудискиот нафтовод „Исток-Запад“.

Според експертите на банката, вкупниот проток на нафта од Блискиот Исток во изминатите десет дена изнесувал во просек 17,1 милион барели дневно – што е за 6,1 милион барели дневно помалку од просекот забележан во 2025 година.

Истовремено, пазарот ја следи ситуацијата на Блискиот Исток по ракетните напади и нападите со беспилотни летала врз Саудиска Арабија, извршени во саботата од бунтовниците Хути поддржани од Иран.

Европските фјучерси за гас за октомври се тргуваа по цена од 80,545 евра за мегават-час на отворањето на берзата TTF во Амстердам денеска.

Заклучно со 10 часот, германскиот индекс DAX забележа раст од 0,74 отсто, францускиот CAC 40 порасна за 0,59 отсто, британскиот FTSE 100 за 0,42 отсто, а миланскиот FTSE MIB за 0,86 отсто, додека московскиот индекс IMOEX падна за 0,56 отсто.

Гледано по сектори, акциите на технолошките компании – како што се холандската ASML и германската Infineon – забележаа особено силен раст, зголемувајќи се за по 2,8 отсто.

Акциите на француската банка „Société Générale“ пораснаа за околу 3,6 отсто откако оваа финансиска институција ја зголеми целната стапка на профитабилност, со што стана една од компаниите со најголем раст во рамките на индексот STOXX 600.

Вредноста на еврото во однос на доларот на девизниот пазар денеска изнесува 1,14758 долари, пренесува Танјуг.

Цената на златото падна на 4.352,46 долари за трој-унца, додека цената на пченицата порасна на 7,2349 долари за бушел (еден бушел изнесува 27,216 кг).

При затворањето на пазарот во петокот, американскиот индекс „Дау Џонс“ (Dow Jones) падна за 0,18 отсто на 51.682,64 поени, индексот „S&P 500“ порасна за 0,17 отсто на 7.650,50 поени, а индексот „Nasdaq“ порасна за 0,39 отсто на 26.522,55 поени.

ИЗДВОЕНИ