недела, јуни 28, 2026
Дома СВЕТ Бен Гвир ќе ја урива владата во Израел: Договорот со Либан...

Бен Гвир ќе ја урива владата во Израел: Договорот со Либан е голема грешка, барам гласање!

32
EPA/LUKAS COCH AUSTRALIA AND NEW ZEALAND OUT

Израелскиот министер за национална безбедност – Итамар Бен Гвир оцени дека договорот меѓу Израел и Либан, постигнат со посредство на Соединетите Американски Држави, е „голема грешка“ и побара од премиерот Бенјамин Нетанјаху да го испрати до владата на гласање.

Бен Гвир, лидер на крајно десничарската партија Оцма Јехудит, рече дека иако израелските сили засега ќе останат во поголемиот дел од безбедносната зона, тој не верува дека либанската влада ќе го разоружа либанското милитантно движење Хезболах.

„Само војниците на Израелските одбранбени сили ќе го уништат Хезболах. Никој друг нема да го стори тоа за нас“, тврди Бен Гвир, пренесува Тајмс оф Израел.

Преговарачите од Израел, Либан и Соединетите Американски Држави потпишаа трилатерален рамковен договор синоќа по петтата рунда дипломатски преговори во Вашингтон за ставање крај на израелско-либанскиот конфликт.

Во пресрет на преговорите, Либан побара целосно повлекување на израелските сили од либанска територија, додека клучниот услов за Израел беше дека секаков вид повлекување мора да биде условено со целосно разоружување на либанската милитантна група Хезболах и гаранции дека оваа група нема повторно да воспостави воено присуство по должината на границата.

Рамковниот договор меѓу Израел и Либан, постигнат со посредство на Соединетите Американски Држави, предвидува постепено завршување на конфликтот меѓу двете земји, воспоставување трајни безбедносни аранжмани и отворање пат за сеопфатен мировен договор.

Според текстот на документот објавен на веб-страницата на американскиот Стејт департмент, Либан се обврзува да воспостави целосна државна контрола врз целата своја територија, да спроведе целосно разоружување на сите недржавни вооружени групи, вклучително и Хезболах, и да обезбеди дека само либанската армија и државните безбедносни сили имаат право да користат сила.

Во исто време, Израел постепено ќе ги повлекува своите сили од либанската територија во согласност со напредокот во спроведувањето на договорот и проверката на безбедносните услови.

Израелската влада наведува дека нема територијални претензии кон Либан и дека потребата од воено присуство ќе престане кога ќе се отстрани заканата по безбедноста.

Соединетите Американски Држави ќе дејствуваат како посредник и монитор на спроведувањето на договорот, ќе учествуваат во работата на заедничката воена координативна група, како и во проверката на исполнувањето на обврските од двете страни.

Вашингтон, исто така, објави дека ќе ги предводи меѓународните напори за обнова на Либан, вклучувајќи ја реконструкцијата на инфраструктурата, економската помош и хуманитарната поддршка, под услов средствата да не бидат достапни за недржавни вооружени групи.

Целта на документот е да се воспостави траен мир, стабилност и добрососедски односи меѓу двете држави.

ИЗДВОЕНИ