четврток, јуни 4, 2026
Дома СВЕТ Белата куќа бара партнер во Техеран: Дали го гледаат Галибаф како иден...

Белата куќа бара партнер во Техеран: Дали го гледаат Галибаф како иден лидер?

53
EPA/WAEL HAMZEH

Администрацијата на Доналд Трамп го разгледува претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Багер Галибаф, како потенцијален партнер во преговорите, па дури и како можен иден лидер на Иран, бидејќи Вашингтон сè повеќе се наклонува кон дипломатско решение на конфликтот.

Галибаф (64), кој постојано им се закануваше на САД и нивните сојузници со одмазда, се смета за потенцијално прифатлив соговорник кој би можел да го води Иран и да преговара со Вашингтон во следната фаза од војната, според двајца функционери на администрацијата, објавува Политико.

Сепак, Белата куќа засега не сака да застане зад едно лице, туку тестира неколку кандидати во потрага по некој што е подготвен да склучи договор, велат истите извори.

„Тој е една од водечките опции“, рече еден функционер, истакнувајќи дека конечна одлука сè уште не е донесена. „Но, ние мора да ги тестираме и не смееме да брзаме.“

Интересот на американската администрација за наоѓање партнер во преговорите ја одразува нејзината желба да најде излез од конфликтот со Иран, кој ги потресе пазарите, ги зголеми цените на нафтата и повторно го отвори прашањето за инфлацијата. Во исто време, се поставува прашањето кој ќе го води Иран откако САД и Израел го ослабнаа неговото лидерство.

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека станува збор за „чувствителни дипломатски дискусии“ и дека САД нема да преговараат преку медиумите.

Во понеделник, Трамп навести контакти со „многу моќни“ личности во Иран и најави петдневна пауза во нападите врз енергетската инфраструктура додека траат преговорите. Еден од клучните интереси на американскиот претседател е нафтата. Според извори, Трамп не сака да го уништи иранскиот нафтен терминал на островот Харг бидејќи очекува дека идниот лидер би можел да склучи договор сличен на оној во Венецуела.

„Станува збор за наоѓање некој што ќе остане на власт, ќе соработува со нас и ќе овозможи поволен договор за нафта“, рече функционерот.

Сепак, дел од американските сојузници сметаат дека ваквите проценки се прерани. Извор близок до безбедносниот тим на Белата куќа предупредува дека Иран може да ги издржи ударите и да продолжи да предизвикува проблеми и нема лесно да се согласи со американските услови.

Претставник од Заливот изрази сличен став, верувајќи дека Трамп можеби претерува со напредокот на преговорите за да ги смири пазарите и да го оправда одложувањето на најавените напади.

ИЗДВОЕНИ