Александар Секулиќ и официјално е нов тренер на Барселона откако потпиша договор со неа до јуни 2028 година. На својата промоција, словенечкиот стратег истакна дека презема огромна одговорност, но и дека е подготвен за предизвикот.

  • Голема чест ми е што сум тука. Благодарен сум им на Жоан Лапорта и на управата за довербата. Барселона е еден од најголемите клубови во Европа и сакам да станам дел од нејзината култура – изјави Секулиќ.

Тој откри дека дел од летните засилувања биле договорени пред неговото доаѓање, но нагласи дека учествувал во изборот на неколкумина играчи што најдобро се вклопуваат во неговата визија.

Барселона во новата сезона ќе настапи со дури деветмина нови кошаркари и најмладиот состав во последните 12 години, па Секулиќ смета дека ќе биде потребно време за да се „уигра“ екипата.

  • Имаме многу нови играчи, но верувам дека можеме да ги надминеме очекувањата. Најважно е да изградиме тимска хемија и препознатлив стил на игра – порача словенечкиот тренер.

Тој додаде дека сака неговата Барселона да игра брза, агресивна кошарка, со силна одбрана и борба за секоја топка, а на крајот испрати порака и до навивачите.

  • Нивната поддршка ќе биде клучна. Знам каква атмосфера може да создаде „Палау Блауграна“ и верувам дека ќе ни помогне во текот на целата сезона – заклучи Секулиќ.

ИЗДВОЕНИ