Пандорче АНТЕСКА
Да се будиш грчејќи ги очите од она што го гледаат секој ден, но и да ги отвораш со мислата дека треба да го видиш детето, и на крајот од денот да заспиваш уморна од ударите, но, сепак, среќна дека конечно завршил уште еден лош ден… и така до кобниот 2 март. Ова кусо, во една реченица, го опишува мачниот живот на Ивана Јовановска која, со својата шестгодишна ќерка в прегратки, се фрли од балконот на висококатницата на зградата на булеварот „Теодосиј Гологанов“, од станот што сама го плаќала, а во кој била тепана и понижувана пред очите на детето. Сведочењето на нејзината мајка Љубица Стојановска беше преживување за јавноста во судницата – низ целиот кошмар кој траел пет години.
„Мојата Ивана секогаш се плашеше да не ѝ ја земе Катја“, цело време повторуваше жената, која оставаше впечаток на културна и религиозна, грижлива баба и мајка.
На неколку стола од нејзиното место за сведочење, ја гледаше обвинетиот Стојанче Јовановски, на моменти вртејќи со главата во знак дека го отфрла слушнатото. Она што, пак, навистина го слушна јавноста од мајката, која како да не го прифаќа фактот дека двете чеда ѝ се мртви, па за нив зборуваше како сè уште да се живи, предизвика солзи и вознемиреност кај присутните. Го раскажа секој хорор што секој ден го живеела Ивана. И да се обидуваш да избереш кој ќотек и малтретирање е најтежок, не можеш, бидејќи сите биле исти по тежина. Така еднаш, додека се враќале доцна во ноќта од свадба од Штип, Ивана му дала погрешна информација за патот, па тој се изнервирал и ги исфрлил двете, мајката и детето, од автомобилот. Ја легнал жената на автопатот и ја клоцал кај ќе стигне. Си влегол сам во возилото и заминал, ги оставил, минатото лето, сами во ноќта, на автопат. Вртела Ивана кај свекрвата да дојде да ги земе со автомобил, ја болело стомак, рече сведокот Љубица. Со ист одговор ја одбил и свекорот, таткото на Стојанче.
„Таа никогаш не сакаше да знаеме низ што сè поминува, дознавав од малата Катја“, велеше Љубица пред судот. Се јавила кај пријателот на Стојанче, кој е сведок на Обвинителството за денот кога Ивана се самоуби, носејќи ја и Катја во смрт. Станува збор за Мартин Саздов, за кој, пак, на вчерашното прво судење, Стојанче го обвини за нивната смрт.
Саздов дошол, ги зел од автопатот и ги згрижил кај неговите родители. Семејството го оставил во немилост, а на работа, во пожарната во Ѓорче Петров, Стојанче се фалел „двете к…и ги натепав“.
„На семејството на Мартин сум му благодарна вечно“, кажа мајката на жртвата. Се присети дека еднаш токму мајката на Саздов ѝ се јавила да ѝ каже дека Ивана избегала и дека не можат да ја најдат. Полицијата ја пронашла преку мобилниот телефон и била повикана во ПС Карпош на разговор. Додека мајката пријавувала тешко семејно насилство, бабата и Катја ја чекале во ходникот. Дошла службеничка и го однела детето во некоја канцеларија, му дале да јаде и му покажувале брошура за постапувањето на полицајците. Час и половина, Катја била со вработените во полициската станица. По изјавата во канцеларијата на инспекторот Горан, си заминале сите дома. „Никогаш не отиде во ПС Карпош да го потпише записникот, по сè што преживувала, мојата Ивана ми велеше, мамо страв ми е за Катја, ќе ми ја земе“, кажа Љубица.
Дека ја тепа и ја малтретира, прв пат дознала две години по бракот. Една ноќ ѝ се јавил зетот, кого на почетокот го ословувала со синко – да дојде и да си ја земе, бидејќи наводно била неверна.
„Беше љубоморен и посесивен, постојано ја бараше на мобилен, ја проверуваше“. Жената истрчала и во станот ја начекала ќерката со тогаш двегодишната Катја како се тресе од страв.
„Се стрча кон неа и почна да ја удира со боксови, јас се ставив меѓу нив”, кажа мајката на Ивана. Дошла полицијата и откако направиле разговор со Стојанче, си заминале со зборовите: „Ајде смирете се, ќе биде во ред”. На прашањето од обвинителката Адела Бојчевиќ дали знаела дека ја тепа, Љубица кажа дека често ја гледала со модрини по рацете, нозете и со потемнето око, за што ѝ велела дека паднала од тротинет.
„Најважна ѝ беше Катја, се плашеше само за неа”. Детето еднаш ѝ кажало на бабата дека мајка ѝ клечи со скрстени раце, а татко ѝ ја удира со клоци.
„Бабо, не ѝ кажувај на мама“. Ивана молчеше, ништо не ми кажуваше, само велеше ќе се среди“, сведочеше мајката.
Ги нижеше сведокот сеќавањата како фотографии, измачкани со модрини, крв и бол. Еднаш бил насилен и кон неа, кога пред Нова година направила благо и салата и тргнала да им го однесе. Но, кога стигнала пред зградата, Ивана ја предупредила веднаш да бега и да си оди.
„Стојанче хистерично викаше по мене, од страв се скрив зад автобуската, а требаше да останам, но се плашев за детето, да не ѝ направи нешто”, кажа сведокот. Подоцна дознала дека сè што однела, исфрлил во контејнер.
„Кусо се забавуваа, таа остана бремена и се зедоа, им помагавме, јас ја земав Катја од училиште, и учителките знаеја за ситуацијата“, зборуваше сведокот. Сите сметки и ратата за кредит ги плаќала Ивана, а подоцна, на негово барање, го поделиле станот на двајцата. Сè до моментот кога ја присилил да му го препише во целост.
По една од многуте серии тепање, Ивана собрала храброст и решила да поведе бракоразводна постапка.
„Тато, јас веќе не можам да издржам, му рече на сопругот, кој во меѓувреме почина. Тој се јави на адвокатот и ѝ рече – ќерко, ова е и твој дом, останете“, кажа Љубица.
Додека биле разделени, Стојанче ја земал Катја на секои десет дена. За цело време додека била со татко ѝ, Ивана седела пред зградата на родителите, каде што и неуморно ги чекала. Прашала во Социјалното дали може таткото да ја зема во закажан термин, на што добила негативен одговор од службата – дека судот одлучува за тоа. Деновите додека биле разделени, Стојанче имал и друга жена со дете, пренесувала Катја. „Бабо, жената направи трошки во автомобилот на тато, а тој не ѝ се налути како на мама“, Љубица кажа дека ја терал Ивана пеш да го носи тротинетот од Катја да не му се извалкал гепекот.
Сепак, жртвата повторно се вратила во домот, и тоа за празникот Св. Никола, денот кога ја тепал во паркот во Ѓорче Петров, во близина на неговото работно место. Оттогаш, и јавувањата од ќерката биле сè поретки.
„Кога дојде на Василица да вртиме паричка, ѝ се јави на телефон, веднаш рипна од место и заминаа дома, ако ѝ се јавел на вибер, ќе забележел дека е кај нас“, рече Љубица.
Додека зборуваше во судницата за внуката Катја, од неа извираше неизмерна љубов кон сеќавањата за детето.
„Катја беше искрено дете, и покрај сè, го сакаше татко ѝ“, бабата кажа дека детето научило срамно да зборува од родителот. На прашањето за инцидентот на Клиниката за дигестивна хирургија, кога Стојанче ја турнал по скали Ивана, мајката кажа дека дијагнозата на лекарите била дека болките во стомакот ѝ биле од ударите, се створил голем хематом на стомакот и кога се разградувал, бил „темпирана бомба“.
На прашањето во каков однос била Ивана со мајката на Стојанче, сведокот кажа дека Цветанка Јовановска ја носела во болница откако ќе ја избоксирал.
Ужасите што Ивана ги трпела секој ден, немаа крај.
Обвинителството, во Воведниот збор, го долови последниот ден од животот на мајката и нејзиното дете. Според обвинителката Бојчевиќ, до чинот на самоубиство, обвинетиот Јовановски цело време ја тепал, ја навредувал и ѝ се заканувал, а во еден момент ја онесвестил.

„Ќе те убијам”. „Ќе те исфрлам од станот, ќе ја земам Катја”, ќе ја сменам бравата”. „Ајде пријави ме, кога ќе излезам од затвор, ќе те уништам”, во секоја од овие навредувачки и заканувачки пораки, ѝ велел дека е к…а, во еден момент, додека се возеле во автомобил, и пред Катја. Обвинителството има и сведок за трагичниот настан, а тоа е Мартин Саздов, кој за цело време, до крајот, бил заедно со нив. Неколкупати ја советувал Ивана да земе такси и да оди кај мајката, ама таа сакала да оди во станот и да земе нешто облека. Пред да се фрли со детето од балконот, Стојанче бил со двете, во станот каде што и тука ѝ се заканувал додека таа се пакувала. Кога излегол кон излезот од зградата, заедно со Саздов, Ивана скокнала од балконот. За цело време додека обвинителката го читаше обвинението, тој вртеше со главата во знак на негирање. Обвинителството направи прецизирање на кривичното дело телесна повреда и загрозување на сигурноста, а за третото наведување на самоубиство од небрежност остана во целост. Тоа би можело да се толкува дека одлуката на обвинителката може да влијае на висината на затворската казна за првите две дела, доколку се докаже дека е виновен.
А тој, обвинетиот Стојанче Јовановски, пред судијата Ивица Стефановски, прво кажа дека не е виновен, па дека е виновен само за првите две дела, па дека на признание го натерал сведокот Мартин Саздов. Вината за смртта на Ивана и Катја му ја препишува нему. „Тој ме натера да ја оставам горе сама”, зборуваше Стојанче, кој со молба барал од судот да докажува дека Саздов му го уништил семејството. Стојанче тврди дека тие двајца биле во врска. Судот не го прифати неговото признание за тепањето и загрозувањето на сигурноста, откако рече дека одлуката ја донел под присила.
Додека обвинителката го читаше обвинението, обвинетиот се смееше, кога стана да се изјаснува за вината – плачеше. Во еден момент почна нејасно да зборува, па судијата даде куса пауза за да се соземе. „Ја тепав, ама за самоубиството, Господ ми е сведок“, рече тој и не кажа дека се кае за жртвите.
Судењето продолжува со сведочење на сведоците на Обвинителството. Обвинителката најави дека во текот на постапката ќе бидат изведени бројни докази. Во однос на наводите за Мартин Саздов, таа посочи дека и тој е предложен како сведок и ќе биде повикан. Судскиот процес против Стојанче Јовановски се однесува на трагичниот настан од 2 март годинава, кога неговата сопруга Ивана го загуби животот скокајќи од балкон заедно со нивната шестгодишна ќерка Катја.












