Автобуската линија со број „35“ ќе биде продолжена и ќе сообраќа до последната станица на линијата со број „57“ во Радишани.
Ова го објави градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски. Тој информираше дека процедурата за продолжување на автобуската линија „35“ е завршена и оти заедно со градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓеоргиевски, и со директорот на ЈСП е постигнат договор за нејзино продолжување до Радишани.
– Деновиве ќе го презентираме новиот возен ред, а за неколку дена ќе биде пуштена пробна линија што ќе сообраќа до последната станица на линијата „57“ во Радишани – напиша Костовски на „Фејсбук“.
Тој изрази надеж дека ќе има голем интерес од граѓаните за продолжената линија и оти таа ќе остане трајно решение.
– Со оваа мерка, Општина Бутел, преку јавниот градски превоз, директно ќе биде поврзана со Општина Аеродром – нагласи Костовски.
Тој упати благодарност до Град Скопје и до ЈСП за одличната соработка, но и до граѓаните на Општина Бутел за одличните сугестии и предлози.
Продолжувањето на оваа линија се врши по предлог на граѓаните. Линијата со број „35“ во моментов сообраќа на релација Железничка станица – Ново Лисиче – Железничка станица Скопје Север.












