Од 2027 година, Австрија целосно ќе ги укине вињетите во форма на налепници, а користењето на автопатите и брзите патишта ќе се наплаќа исклучиво преку дигитални вињети, кои се поврзани со регистарскиот број на возилото.
Продажбата на вињети за 2027 година започна на 9 ноември. Возачите кои ќе купат годишна вињета до 31 декември ќе платат 106,80 евра, додека од 1 јануари цената ќе се зголеми на 108,90 евра, пренесува Вечерњи лист. Годишната вињета ќе важи од 1 декември 2026 година до 31 јануари 2028 година. Достапни се и опции за еднодневни, десетдневни и двомесечни вињети.
Важно е да се напомене „правилото од 18 дена“. Имено, лицата кои купуваат годишна или двомесечна дигитална вињета преку онлајн продавницата или апликацијата на ASFINAG, мора да почекаат 18 дена пред таа да стане важечка. Ова се должи на правото на потрошувачот да се откаже од купувањето.
Ова ограничување не важи за еднодневните или десетдневните вињети – кои стануваат важечки веднаш – ниту пак за вињетите купени на овластени продажни места.
Возачите кои веќе поседуваат вињета за 2026 година не треба да ја менуваат, бидејќи таа останува важечка до 31 јануари 2027 година.
ASFINAG посебно ги предупредува возачите за измамнички е-пораки во кои се тврди дека постои долг за плаќање поради немање важечка вињета. Ваквите пораки често содржат линкови чија цел е кражба на лични податоци и информации за платежни картички. Поради ова, се препорачува вињетите да се купуваат исклучиво преку официјалната онлајн продавница на ASFINAG (shop.asfinag.at) или кај овластени продавачи.












