четврток, ноември 12, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Савески: Обвинителството ќе постапи за „Алта банка“ ако утврди елементи на кривично...

Савески: Обвинителството ќе постапи за „Алта банка“ ако утврди елементи на кривично дело

15

Државниот јавен обвинител Ненад Савески не откри дали за случајот со „Алта банка“ е отворена предистражна постапка, нагласувајќи дека таквите постапки се тајни согласно закон. Сепак, порача дека Јавното обвинителство има обврска да постапува секогаш кога ќе утврди постоење на елементи на кривично дело.

Одговарајќи на пратенички прашања за време на надзорната расправа во Собранието посветена на „Алта банка“, Савески истакна дека институцијата постапува независно од тоа кој бара реакција, а доколку се утврди кривично-правен настан, се утврдуваат и сторителите и конкретното кривично дело. На прашањето на пратеникот Миле Талески дали е оформен предмет и дали се преземаат предистражни дејствија, обвинителот остана воздржан.

-Не споменав ниту дали има, ниту дали нема истрага. Доколку има или нема предистрага, за тоа не можам да зборувам бидејќи предистражната постапка е тајна – рече Савески.

Во однос на евентуална кривична одговорност на премиерот Христијан Мицкоски за наводно давање лажен исказ, Савески посочи дека обвинителските одлуки се носат врз основа на докази и ги повика сите што располагаат со докази да ги достават до надлежното обвинителство. Тој се осврна и на лажните вести, оценувајќи дека претставуваат сериозен општествен проблем, но посочи дека во актуелниот Кривичен законик не постои посебна кривично-правна заштита за ваквите случаи.

Савески повтори дека законот важи еднакво за сите и дека обвинителството мора да постапи секогаш кога ќе утврди елементи на кривично дело што се гони по службена должност.

ИЗДВОЕНИ