петок, јуни 19, 2026
Дома СПОРТ Арсенал не смее да ја повтори грешката на Барселона

Арсенал не смее да ја повтори грешката на Барселона

218
epa12922546 Atletico's Marc Pubill (L) in action against Arsenal's Viktor Gyokeres (R) during the UEFA Champions League semi finals first leg soccer match between Atletico Madrid and Arsenal in Madrid, Spain, 29 April 2026. EPA/JUANJO MARTIN

За неколку часа ќе биде познат првиот тим што ќе биде дел од финалниот натпревар од годинашното издание на најквалитетното клупско натпреварување, Лигата на шампионите.

Нема дилема дека фудбалскиот храм „Емирати“ ќе биде претесен за да ги нагости сите оние што сакаат во живо да го следат реванш полуфиналниот дуел помеѓу лондонскиот премиерлигаш Арсенал и шпанскиот гигант Атлетико Мадрид.

Првата пресметка на „Ванда метрополитана“ заврши без победник (1:1) и затоа фудбалската јавност е убедена дека нè очекува уште една рововска битка што ќе трае од првиот до последниот судиски свиреж.

Двајцата тренери немаат некој посериозен проблем кога е здравствениот билтен во прашање и затоа за очекување е „топчиите“ да го наметнат својот офанзивен стил на игра, а гостинот да ја бара шансата за изненадување во брзите контранапади.

– Искрено, јас сум презадоволен од играта на моите фудбалери на натпреварот против Фулам. Сите знаевме дека нема да ни биде лесно по тешкиот натпревар во Мадрид, но сите бевме гладни за успех и бевме свесни колку беше важен овој дуел. Треба да го искористиме овој момент, тој да ни биде мотив плус кога е реваншот против Атлетико во прашање. Мора да веруваме дека го имаме она што е потребно за да славиме на реваншот – изјави менаџерот на Арсенал, Микел Артета.

Неговиот колега од спротивната страна, Диего Симеоне, е убеден дека Арсенал нема сила и квалитет да одигра со истото темпо сите 90 минути.

– Јас не верувам во среќа, јас верувам во одлучност. Арсенал има многу силен тим, резервните играчи на првиот натпревар покажаа дека се поквалитетни од оние што го стартуваа дуелот. Забележав дека не може да играат со истото темпо сите 90 минути, нивниот интензитет се намали во второто полувреме, а ние ја подобривме организацијата. Многу е важно да бидеме компактни во одбраната, само така ќе создадеме доволен број шанси за напаѓачите – изјави трофејниот аргентински стручњак.

ИЗДВОЕНИ