Македонската атлетичарка Дарија Крстевска, членка на АК Олимп, постави нов национален рекорд за младинки до 20 години во полумаратон, откако на своето деби на оваа дистанца оствари резултат од 1:25:42.
Крстевска го подобри досегашниот младински национален рекорд за 6 минути и 44 секунди. Претходниот рекорд изнесуваше 1:32:26 и беше во сопственост на Даниела Кулевска, поставен на 15 март 1998 година во Скопје.

Со тоа, Дарија собори рекорд стар повеќе од 28 години, и тоа уште при својот прв настап на полумаратонската дистанца.
Покрај националниот рекорд, Крстевска го освои и шестото место во генералниот пласман, а беше најдобропласирана македонска натпреварувачка во женска конкуренција на скопскиот маратон.












