Британската велосипедистка и олимписка шампионка од Париз, Кејти Марчант (33), донесе неочекувана одлука и реши да ѝ стави крај на професионалната кариера. Иако се наоѓа во еден од најдобрите периоди во кариерата, таа одлучи да го напушти професионалниот велосипедизам и да се посвети на сосема поинаков живот. Таа остава зад себе кариера исполнета со големи успеси. На Олимписките игри во Рио во 2016 година освои бронза во спринт, а осум години подоцна го достигна врвот. Во 2024 година стана европска, светска и олимписка шампионка во тимски спринт, со што ја комплетираше неверојатната сезона.
Првично планираше да вози до Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година, но на крајот сфати дека повеќе не сака да ги прави жртвите потребни за уште еден олимписки циклус.
- Постигнав повеќе отколку што можев да сонувам некогаш. Неверојатно сум горда на сè што постигнав, но сакав да се повлечам под свои услови – изјави Марчант.
Таа откри дека на последните натпревари почувствувала дека се ближи нејзината кариера кон крајот. По враќањето дома, едноставно немала желба повторно да им се врати на напорните тренинзи и подготовки, кои со години беа дел од нејзиното секојдневие.
Наместо велосипедот, следното поглавје ќе го поминува на семејната фарма во близина на Лидс, каде што ќе му помага на својот сопруг, Роб. Марчант со насмевка откри дека една од нејзините нови активности сигурно ќе биде возењето трактор.
- Сигурно ќе возам трактор, тоа е сигурно. Сакам да го затворам ова поглавје од мојот живот и со оптимизам да гледам кон иднината – порача олимписката шампионка, која по повеќе од една деценија на патеката почнува целосно нов живот.











