Псевдобиографската драма „Амадеус“, според текстот на Питер Шафер, преточена во претстава во режија на Александар Поповски, во повеќе од два часа, ја пренесе македонската публиката во 18 век, во Виена, прикажувајќи го ривалството меѓу композиторите современици Моцарт и Салиери. Публиката особено ја допре опседнатоста на Салиери со Моцарт и со неговата генијална музика на која бескрајно ѝ се воодушевува, што кулминираше со завист, завидливост, љубомора и омраза, кои се претворија во желба за тотално уништување и смрт на големиот композитор… Поповски, на крајот на претставата, излезе заедно со актерската екипа и се поклони пред аплаузот на публиката во МНТ, но и ја фотографираше убавата глетка пред себе: стоечките овации и воодушевена публика

Славењето на музиката како возвишена и божествена уметност, големото наследство и трагичната судбина на музичкиот гениј и еден од најголемите композитори на европската класична музика, Волфганг Амадеус Моцарт, како и  горчливото чувство дека просечноста ја уништува генијалноста, ја означија претставата „Амадеус“ во режија на Александар Поповски, која, вчеравечер, беше изведена од Словенечко народно гледалиште Марибор на сцената на Македонскиот народен театар.

Фото: СНГ Марибор

Псевдобиографската драма „Амадеус“, според текстот на Питер Шафер, преточена во претставата во повеќе од два часа, ја пренесе македонската публиката во 18 век, во Виена, прикажувајќи  го ривалството меѓу композиторите, современиците Волфганг Амадеус Моцарт и Антонио Салиери, поврзани со дворот на царот Јозеф II, владетел од Хабсбуршката династија. Добро позиционираниот дворски композитор Салиери, одлично одигран од бардот на словенечкото глумиште, Алеш Валич, од сопствена перспектива ни го раскажа животот на Моцарт, кој од просперитетното детство и светлата иднина завршува осиромашен, скршен, напуштен и неценет од сите. Но, публиката најмногу ја допре опседнатоста на Салиери со Моцарт и со неговата генијална музика на која бескрајно ѝ се воодушевува, што кулминираше со завист, завидливост, љубомора и омраза кои се претворија во желба за тотално уништување и смрт на големиот композитор. Во моментот кога Салиери е убеден дека преку Моцарт зборува Бог, дека преку Моцарт испраќа музика и таква убавина, и дека не го одбрал него и покрај неговата доблесност, тогаш тој му станува непријател на Господ. „Како може ова детинесто, незрело и вулгарно човече да создава таква музика“, во очај се прашува Салиери.

Фото: СНГ Марибор

И режисерот Поповски во експликацијата за претставата вели дека особено интересен му бил моментот во драмата кога Салиери сфаќа дека преку музиката на Моцарт го слуша Божјиот глас. „Со страв сфаќа дека Бог има друг избраник и му се спротивставува“, посочува Поповски.

И додава: „Фасцинантна ми се чини врската што постои помеѓу уметноста и семоќниот создавач на световите. Тоа на некој начин го потврдува феноменот Моцарт, кој својата музика ја транскрибирал – без преписи, без корекции. Она што го слушнал во својата глава, го преливал на хартија. Барем така Шафер го замислил генијалниот Моцарт, иако тоа не е чиста вистина, лично за мене, божественото инспирирање што го добива уметникот е многу значајно. И верувам во него. Во мојот живот, музиката отсекогаш имала посебно место. Меѓу сите уметности, таа е несомнено највозвишена, бидејќи само преку еден сигнал, нота или тон, отвора други светови. Во музиката, нотата е или точна или погрешна. Нема средина“.

Во современ контекст, драмата/претставата говори за просечноста во општеството што ја убива секоја нишка светлина, секоја светла точка што ќе се појави, секоја креативност, секое излегување од клишето на воспоставените норми и правила. Така се однесува и Моцарт во претставата, одигран од Жан Копривник. Со вулгарен гест (со прст изваден од задникот) покажува што мисли за дворот, за Салиери, за правилата и нормите кои се смешни и непоимливи за него, а кои одредуваат како на пр. да изгледа операта, што да вклучува или исклучува едно музичко дело!? Самиот Моцарт се чуди на барањата на дворските советници да сменат дел од неговите дела: „Како може да има премногу ноти. Не, има толку колку што е потребно“, вели тој. Или, пак, „Како може да нема танц во ’Свадбата на Фигаро’?“

Покрај играта на актерите од Мариборската драма, во претставата доминираше моќната и позната музика на Моцарт, изведена дел и во живо, на пијано. Австрискиот композитор создал многу камерни, симфониски, религиозни и оперски дела, особено за пијано, а најпознат е по оперите „Волшебната флејта“, „Свадбата на Фигаро“, „Дон Џовани“, „Грабнување од сарајот“, како и по „Реквиемот“.

Фото: СНГ Марибор

Во претставата, освен Валич како Салиери и Копривник како Моцарт, настапија и Јулија Клавжар, Давор Херга, Матија Стипанич, Матевж Бибер, Катарина Барбара Крњак, Софиа Тики, Тина Ројко, Ева Млакар Поштрак и Борис Каваца – глас. Впечатливата сценографијата, пак, ја потпишува Вања Магиќ, каде интересен момент, меѓу другото, беше и пијаното кое се крши среде сцена, прекрасната и искарикираната костимографија е на Марита Ќопо, а кореографијата на Росана Хрибар.

Фото: СНГ Марибор

„Нема подобар начин да го уништиш Севишниот, треба само да го скршиш човекот“, ќе рече Салиери. Како што постоеле многу дворски игри во Виена што го поткопувале Моцарт, така во нашиот современ свет постојат многу Салиериевци. Просечноста го окупира просторот, доминира, ги зема најдобрите позиции, го стемнува оној што ќе блесне… И затоа Салиери ѝ се обраќа на публиката со зборовите: Кога ќе се соочите со сопствената просечност ќе сфатите зошто јас, господарот на просечноста, го убив Моцарт, чудото од дете, музичкиот генијалец, единствениот што целосно ја имал музиката во главата, кој само пишувал, додека сите други композитори бришат, па проверуваат, па слушаат… Претставата завршува со грандиозниот „Реквием“ на Моцарт, едно од најзначајните дела во класичната музика, компонирано во 1791 година. Ова е неговата последна, недовршена композиција, нарачана под таинствени околности неколку месеци пред неговата смрт, што го прави делото исполнето со длабока емотивност и драма, која ја диригирал Салиери.

И покрај дождливата и невообичаена студена априлска ноќ, македонската публика до последно место ја наполни салата на МНТ, сите дојдени да го видат „Амадеус“, токму заради носталгијата што ја имаат кон нашиот реномиран, наградуван режисер, Александар Поповски, кој има долгогодишна успешна меѓународна кариера, а веќе осма година е и уметнички директор во Мариборската драма при СНГ. Поповски, на крајот на претставата, излезе заедно со актерската екипа и се поклони пред аплаузот на публиката, но и ја фотографираше убавата глетка пред себе: стоечките овации и воодушевена публика. Се надеваме дека наскоро ќе дојде повторно во Македонија, и како што најави, ќе постави претстава во МНТ, на тема, како што рече, за носталгија. (Н. И. Т.)

ИЗДВОЕНИ