Анкета на „ЈуГов“: Европејците и Американците стравуваат од трета светска војна со употреба на нуклеарно оружје, за 5 до 10 години

29

Голем број жители на Западна Европа и на САД  веруваат дека би можела да избувне трета светска војна во следните пет-десет години, при што повеќето очекуваат употреба на нуклеарно оружје и катастрофални последици за човештвото, покажува нова меѓународна анкета спроведена по повод 80-годишнината од Денот на победата во Европа. Тие сметаат дека најверојатна причина за избувнување на војната би биле тензиите со Русија.

Ова произлегува од резултатите од анкетата на „ЈуГов“ спроведена во пет европски земји, и тоа Велика Британија, Франција, Германија, Италија и Шпанија. Во тие земји, помеѓу 41 и 55 проценти од испитаниците веруваат дека можноста за избувнување трета светска војна во следните пет-десет години е многу или прилично веројатна. Како што пишува „Гардијан“, во анкетата исто мислење имале и 45 проценти од американските испитаници.

Загрижувачки е тоа што мнозинството, од дури 68 до 76 проценти, верува дека секој нов конфликт би вклучувал употреба на нуклеарно оружје, додека помеѓу 57 и 73 проценти мислат дека трета светска војна би довела до поголема загуба на животи отколку Втората светска војна.

Од учесниците во анкетата, од 25 до 44 проценти веруваат дека војната би можела да го уништи поголемиот дел од светската популација.

Според нивните одговори, Русија најчесто се смета за најверојатна причина за нова светска војна, а веднаш по неа, како причина, се наведува тероризмот.

Многу Европејци сè уште се загрижени за односите со САД, а мнозинството во Шпанија (58 проценти), Германија (55 проценти) и во Франција (53 проценти) верува дека тензиите со САД претставуваат сериозна или умерена закана за мирот на континентот.

Помеѓу 31 процент во Шпанија и 52 проценти во САД веруваат дека е можно да се повторат во нивните земји „злосторства како оние извршени од нацистичкиот режим во Германија, во 1930-тите и 1940-тите години“.

На прашањето кој направил најмногу за да се победат нацистите, помеѓу 40 и 52 проценти во пет земји рекле дека тоа биле САД, додека во Велика Британија 41 процент рекле дека тоа била нивната земја.

Прашањето за мировните операции по војната покажа дека мнозинството испитаници, од 52 до 66 проценти, веруваат дека НАТО најмногу придонел за мировните операции, додека помеѓу 44 и 60 проценти веруваат дека ООН и ЕУ, исто така, дале значаен придонес.

ИЗДВОЕНИ