сабота, јуни 20, 2026
Дома МАГАЗИН „Ангели ме носат“  – шест тажни години од смртта на легендарниот Драган...

„Ангели ме носат“  – шест тажни години од смртта на легендарниот Драган Вучиќ

315

Освен што Вучиќ беше автор и водител на најгледаните телевизиски емисии, беше и многу успешен композитор. Ги напиша победничките хитови:  „Свирете ја Зајди, зајди“, „Ангели ме носат“ (со „Силви бенд“),  „Кажи ѕвездо“, „Убава Ника Марика“… Тој е воедно и композитор на евровизискиот хит „Ти си сон“, со кој Мартин Вучиќ успешно ја претставуваше Македонија на Песна на Евровизија во 2005 година

Поминаа шест тажни години од смртта на Драган Вучиќ, кој беше и остана еден од најлегендарните македонски композитори, пејачи, телевизиски водители и автори на популарните емисии кои публиката со задоволство ги гледаше. Од онаа историската „Вашите пет минути“, налик на денешните „Ѕвездите на Гранд“, па сè до генијалните „1+2“, „Среќни луѓе“, „Возење со Вучиќ“ и „Гурмански муабети“ во кои учествуваа буквално сите ѕвезди од некогашната југословенска естрада, од Здравко Чолиќ, Тереза Кесовија, Данијела Мартиновиќ, Сузана Манчиќ, Јасна Злокиќ, Мики Јевремовиќ… до Неда Украден, Лепа Брена, Жељко Бебек, Златко Пејаковиќ, Лепа Лукиќ, Ацо Пејовиќ, Жељко Јоксимовиќ, Мирослав Илиќ… Освен овие телевизиски емисии со висока гледаност, Драган беше и многу успешен композитор, ги напиша победничките хитови:  „Свирете ја Зајди, зајди“, „Ангели ме носат“ (со „Силви бенд“),  „Кажи ѕвездо“, „Убава Ника Марика“, “Твоите очи шараат“… Тој е и композитор на песната „Ти си сон“, со која неговиот син, Мартин Вучиќ, успешно ја претставуваше Македонија на Песна на Евровизија во 2005 година.

За жал, Драган се соочуваше со сериозни здравствени проблеми кои дополнително се влошија по инфекцијата на смртоносниот корона вирус. Почина релативно млад, на 4 мај 2020 година во Скопје, на 64-годишна возраст. Животот сè уште беше пред него. По неговото физичко заминување, во македонскиот телевизиски простор а и на музичката сцена веќе ништо не е исто. Болката и празнината останаа и не поминуваат. Секако дека тоа најмногу го чувствуваат членовите на неговото најтесно семејство, синот Мартин и сопругата Весна.      По пензионирањето, Весна живее далеку од медиумите, за својот син, за семејството, за најблиските, за најсаканите. Работела во Македонско радио како најавувачка, програмски секретар и спикер. И таа со микрофонот, како што и Драган бил постојано со микрофонот. Со музиката заедно „растеле“. Успешни во своите професии.

Нивната прва средба се случила во 1979 година. Заедничка другарка им била Анче, која подоцна им станала и кума. Во тоа време немало мобилни телефони, но и без нив Драган бил упорен да ја освои Весна. Со автомобилот, постојано вртел околу нејзината куќа. Таа млада, премногу згодна, шармантна, со прекрасна насмевка, а и плус ќерка на познатиот музичар Пеце Атанасовски, во чие име сè уште постои етнофестивалот на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, кој се одржува (и сега во мај), во Прилеп, на Рудина.

Весна и Драган се забавувале околу три години, а свадбата им се случила во 1982 со преку 500 гости, во тогашниот хотел „Панорама“. Потоа им се родил синот Мартин, а нивниот живот бил максимални исполнет само со убавини, дружења, патувања, со љубов. Така и останало, сè до последниот ден, најтажниот во животот на Весна и Мартин, кога Дракче, како што таа нагалено го ословуваше сопругот, замина од овој свет. Љубовта и бракот што ги имале таа и Драган, не можат да се опишат со зборови. Сето тоа останува со спомените, во емотивните сеќавања. Нека му е вечна слава.     (Д. М.)

ИЗДВОЕНИ