Конечно, во март имавме значаен раст на индустриското производство од 3 %, а трговијата на мало растеше со двоцифрен број проценти, близу 13 %, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Тој рече дека рударството и натаму потфрла и најави дека државата бара начин да го помогне.
– Тука имаме помала активност на рударството како сектор во првите 2-3 месеци, во првиот квартал. Се надевам дека за два-три проблематични правни субјекти ќе пронајдеме начин како да помогне државата, но и тие самите да си помогнат, со што ќе го вратиме рударството на правилниот пат – рече Мицкоски.
Тој рече дека будно се следи состојбата во индустријата и особено преработувачката индустрија, која расте.
– И тоа е нешто што треба сите нас да нè охрабрува. Еве, во текот на вчерашниот ден, излегоа ТИРЗ-зоните, излегоа и тие со свои податоци, така што апсолутно, како Влада, продолжуваме и понатаму да работиме во интерес на граѓаните и на државата – рече Мицкоски.
Но, и покрај зголеменото индустриско производство, статистиката забележа пад на бројот на работниците во индустријата. Во периодот јануари – март 2026 година, во однос на периодот јануари – март 2025, тој се намалил за 3,3 %, а во март 2026, во однос на март 2025 година, за 2,8 %.
Според овие податоци, бројот на работниците во март 2026 година, во однос на март 2025 година, во секторот рударство и вадење камен се намалил за 6,9 %, а во преработувачката индустрија за 2,8 %. Раст на бројот на работници е забележан во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, за 0,6 %.
Според главните индустриски групи, бројот на работници во индустријата во март 2026 година, во однос на март 2025 година, се намалил во групите енергија за 2,1 %, капитални производи за 3,6 %, нетрајни производи за широка потрошувачка за 3,4 % и интермедијарни производи, освен енергија, за 2,9 %, а се зголемил во групата трајни производи за широка потрошувачка за 1,0 %.












