Американската војска доцна во петокот соопшти дека „соборила“ неколку ирански дронови кои напаѓале бродови што минувале низ Ормускиот теснец, откако двете земји претходно сигнализираа дека се приближува договор за завршување на војната.
„Иран лансираше повеќе еднонасочни дронови за напад во обид да ги таргетира комерцијалните бродови што минуваат низ Ормускиот теснец“, напиша Централната команда на САД (CENTCOM) во објава на социјалната платформа „Икс“.
„Американските сили ги соборија сите во изминатите неколку часа, додека сообраќајот во теснецот се одвива непречено. Меѓународниот трговски коридор останува отворен за сообраќај.“
Американската војска не даде дополнителни детали, пренесе „Хина“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно оваа недела изјави дека американската војска им помага на танкерите за нафта и комерцијалните бродови да минуваат низ Ормускиот теснец, како дел од она што тој го нарече „тајна мисија“ за да се одржи отворена клучната бродска линија.
Според извештајот на Поморските трговски операции на Велика Британија (UKMTO), помалку од 10 бродови минуваат низ теснецот секој ден.
Пред Иран речиси целосно да го блокира преминот како одговор на американско-израелската офанзива, околу 130 бродови минуваа низ теснецот секој ден, се вели во извештајот.
Ормускиот теснец останува еден од најважните транзитни правци за енергија, сочинувајќи значителен дел од светската нафта и течен природен гас.
САД и Иран сигнализираа претходно во петокот дека се ближи договор за завршување на војната, а висок функционер на американската администрација рече дека двете страни се согласуваат за документот и дека Вашингтон очекува да потпише почетен договор во наредните денови.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, рече дека промените се сè уште можни, но дека рамковниот договор покажува дека неговата земја излезе посилна од војната.
„Иран е победник во војната со САД“, рече тој на државната телевизија.
Аракчи рече дека Иран ќе соработува со Оман за да ја одржи контролата врз сообраќајот низ теснецот, кој пред војната пренесуваше една петтина од светските залихи на нафта и гас. „Нашиот меч секогаш ќе виси над Ормускиот теснец“, рече тој.
Таканаречениот меморандум за разбирање повикува на отворање на Ормускиот теснец и укинување на американската блокада на иранските пристаништа, соопштија извори од двете страни.












