Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска во Даблин изјави дека Европа ќе ја поддржи Украина и за време на војната и во мирнодопски услови, при што истакна дека ги поздравува разговорите за ставање крај на конфликтот, кои се одржуваат во Абу Даби.
При пристигнувањето на самитот на Европската политичка заедница (ЕПЗ), Фон дер Лајен напомена дека учеството на европски претставници во разговорите во Абу Даби е значајно – како за заштита на интересите на Европа, така и поради фактот што украинскиот претседател Володимир Зеленски побарал нивно вклучување.
„Тој побара европска поддршка во овие преговори, а ние ќе ја поддржиме Украина, без разлика дали станува збор за војна или мир“, изјави Фон дер Лајен, пренесува ирскиот јавен сервис RTE.
Високата претставнчка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, изјави дека можноста за мировни преговори меѓу Русија и Украина е главна тема на самитот во Даблин, иако нагласи дека досега немало никакви знаци на добра волја од руска страна.
Таа истакна дека прво мора да се воспостави прекин на огнот за да се запрат нападите врз цивилите, по што би следеле преговори за мировен договор.
„Треба да постои соодветен редослед: прво мора да се постигне прекин на огнот, за бомбардирањето на цивилите навистина да престане. Дури потоа можеме да разговараме за мировен договор, а по тоа можеме да се посветиме на безбедносната архитектура на Европа“, рече Калас.
На прашањето кој би требало да ја претставува Европа во евентуалните мировни преговори меѓу Украина и Русија, Калас одговори дека уште во 2024 година се разгледувал изборот на три лица кои би можеле да учествуваат во такви разговори.
„Беше јасно дека изборот на претставник за Европа ќе подразбира опсежни разговори со Русија; затоа, изборот на овие три лица беше многу специфичен. Меѓу нив се Антонио Кошта и високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, кој ја претставува Европа во однос на безбедносните прашања. Се разбира, лидерите можат да одлучат поинаку и повторно да поведат дискусија за ова прашање“, рече Калас.
Прашањето кој би ја претставувал Европа во евентуалните преговори со Русија е исто така клучна тема на самитот; Се очекува лидерите на 27-те земји-членки на ЕУ дополнително да разговараат за ова прашање на посебен состанок утре.












