САД започнаа разговори со арапските држави за формирање заеднички инвестициски фонд за поправка на инфраструктурата оштетена за време на војната во Иран. Планот предвидува средствата да се насочат не само кон обновување на оштетената инфраструктура, туку и кон изградба на нов нафтовод што би го заобиколил Ормускиот теснец.
Според „Фајненшл тајмс“ (Financial Times), иницијативата – позната како „Партнерство за сојузничка изградба и доверба“ (Partnership for Allied Construction and Trust) – предвидува инвестиција од 5 милијарди долари од страна на САД, проследена со еднаков износ од земјите во регионот.
Целта е да се неутрализира способноста на Иран да го попречи извозот на енергенси преку блокирање на Ормускиот теснец.
Во презентацијата до која дошол „Фајненшл тајмс“, договорот е опишан како „историска инвестициска платформа вредна над 50 милијарди долари“, дизајнирана да поттикне инвестиции „во стратешки енергетски и инфраструктурни капацитети низ сојузничките нации на Блискиот Исток“.
„Договорот претставува механизам за соработка што го одржува извозот и гарантира дека ниту една критична точка на проток не може да ги запре регионалните енергетски текови“, се наведува во презентацијата. „Ниту една земја не може сама да изгради ваков систем на алтернативни правци, а колку повеќе правци постојат, толку помала моќ имаат противниците врз глобалните енергетски системи.“
Државните инвестициски фондови и приватните фирми – како што се „Блекстоун“ (Blackstone), „БлекРок Глобал Инфрастракчер Партнерс“ (BlackRock Global Infrastructure Partners) и слични субјекти – би можеле да инвестираат во холдинг-компанијата што би произлегла од овој проект.
Интересно е што „Фајненшл тајмс“ пренесува изјава од лице запознаено со случајот, кое открило дека некои од компаниите наведени како примери биле „изненадени“ што се споменати во нацрт-предлогот.
САД би го предводеле договорот, а техничките преговори со арапските држави требало да започнат во октомври, според наведеното во презентацијата.
Инаку, се очекуваше американскиот претседател Трамп да се сретне со арапските лидери за време на самитот на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Вреди да се напомене дека некои земји од Персискиот Залив, вклучувајќи ги Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, веќе разговараат или планираат изградба на нови нафтоводи за транспорт на сурова нафта до пристаништа надвор од Ормускиот теснец, со цел да ја намалат својата зависност од тој витален воден пат.
Мајкл Вахид Хана, програмски директор во „Меѓународната кризна група“ (International Crisis Group), изјави за „Фајненшл тајмс“ дека арапските држави би инвестирале заедно со САД доколку економската логика на проектите е оправдана.
„Но, нема да видите како овие држави се впуштаат во нереални економски проекти само поради Доналд Трамп“, истакна тој.
Тој додаде дека арапските држави ќе водат сметка за тоа како таквите инвестиции се доживуваат на глобално ниво.












