EPA/LUKAS COCH AUSTRALIA AND NEW ZEALAND OUT

Најдобриот шпански тенисер Карлос Алкараз нема да ја брани титулата на овогодинешниот Ролан Гарос. Поради воспаление на тетивата на зглобот, Шпанецот ќе биде надвор од терените два месеци.

Алкараз ќе ги пропушти Мастерсот во Рим и Ролан Гарос, што ќе го чини скапо на АТП листата. Тој триумфираше на двата турнира минатата сезона, па ќе остане без 3.000 поени, што значи дека Синер значително ќе ја зголеми предност на врвот.

Тимот на Алкараз, изјави дека повредата не е од најсериозна природа, но бара претпазливост.

„Целта е да се биде подготвен за Квинс, а потоа да се настапи на Вимблдон. Станува збор за воспаление на тетивата, нема руптура, што е добра вест. Карлос е оптимист и верува дека ќе се врати посилен, но за време на закрепнувањето нема да го напрега зглобот“, се вели во соопштението.

Сепак, Шпанците се сериозно загрижени за својата ѕвезда.

Според шпанските медиуми, Рафаел Надал ја имал истата повреда во 2014 година, и поради неа, доживеал пад на Вимблдон. По два месеци, тој бил подготвен да се врати, но до крајот на сезоната не го поминал ни четвртфиналето.

Шпанскиот весник „Ас“ ги пренесува зборовите на еден доктор.

„Добра одлука е Карлос да направи пауза, бидејќи е опасно да се брза назад на теренот. Тоа е чувствителна повреда која мора да се третира со претпазливост. Проблемот е што, откако ќе се случи, мора да бидете внимателни до крајот на кариерата. Можете да го држите рекетот, но не и да играте на максимално ниво.“

„Ас“ потсетува дека поради сличен проблем, Хуан Мартин Дел Потро и Доминик Тим имале големи тешкотии во своите кариери.

ИЗДВОЕНИ