Доколку се врати во земјава, поранешниот премиер Никола Груевски треба да оди на издржувања затворска казна по две изречени судски пресуди, а во судница го чекаат уште два активни предмети. Имено, нему му преостанува да одлежи една и пол година затвор за случајот „Насилство пред Општина Центар“, кој му застарува во 2027 година, како и девет години затвор за случајот „Плацови на Водно“, дело што му застарува во 2043 година. Од Кривичниот суд велат дека во втората пресуда изречена му била и парична казна која не ја платил, па засметана му е во затворска од 180 дена или околу 6 месеци.
Активни му се предметите „Талир 2“ и „Титаник“.
За првиот повторно беше одложено судењето, бидејќи сведокот Кирил Божиновски, поранешен партиски секретар, повторно не дојде да сведочи. Ако се врати обвинетиот експремиер во бегство, обвинителот рече дека тој има право да побара да му се суди во присуство. Случајот што е наследен од поранешното СЈО, „Талир 2“, се однесува за незаконската градба на седиштето на партијата. Доби нов обвинител откако државниот обвинител Ненад Савески ги повлече овластувањата на обвинителката Ленче Ристоска, по што таа поднесе оставка. Нов обвинител за „Талир 2“ е Христијан Смилевски, кој во изјава за медиумите рече дека „го проучил предметот“ и се надева дека ќе заврши постапката пред да застари кон крајот на август или почеток на септември.
Уште еден „жив“ предмет е „Титаник“, тој беше првиот случај на СЈО за кривични дела поврзани со изборите и гласањето. Во „Титаник“, за злосторничко здружување и изборни нерегуларности, освен поранешниот премиер Никола Груевски, беа обвинети повеќе лица, меѓу кои и ексминистрите Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска.
На листата на застарени предмети последен му се допиша оној за „тоа на М“, односно случајот „Тенк“ за набавката на луксузниот „мерцедес“, за што беше осуден на затворска казна од две години. Претходно на Груевски му застареа делата во предметите ТНТ и „Траекторија“. Уривањето на „Космос“ беше првиот случај во кој поранешниот премиер беше обвинет од СЈО, а заедно со Јанакиески и ексградоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, се гонеше за злоупотреба на службената должност поради експлозивот со кој го рушеа објектот на бизнисменот и тогашен лидер на политичката партија ПЕИ, Фијат Цановски.
Случајот „Траекторија“, пак, се однесуваше на злоупотреби поврзани со изградбата на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, освен Груевски, беа обвинети и ексминистрите Владимир Пешевски и Миле Јанакиески.
Многу од истрагите или судските процеси беа запрени или застарени со измените на членот 353 од Законот за кривична постапка, кој се однесуваше на злоупотреба на службената должност.
На интернет-страницата на МВР, во прилог на распишаната меѓународна потерница за Никола Груевски стои дека се бара поради извршување на казната затвор во траење од две години за сторено кривично дело примање награда за противзаконито влијание од чл. 359 ст.2 од КЗ и по определена мерка притвор во траење од 30 дена за кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста член 313 од КЗ. Последното се однесува за настаните од 27 април, за упадот во македонското Собрание. (П. А.)












