петок, јули 24, 2026
Дома МАГАЗИН „Ако одам во Битола“ – Македонец, патриот, кој  иако е роден во...

„Ако одам во Битола“ – Македонец, патриот, кој  иако е роден во Австралија, многу си ја љуби татковината  

314

Министерот за Естрада, со концертот во Хераклеја, помпезно прослави 30 години на музичката сцена

Пред сè, тој е битолчанец, кој најсилно го љуби родниот крај, а потоа со истите емоции се гордее што е Македонец, патриот. Тоа е тој, нашиот, како што го викаме нагалено, Министер за Естрада, Борче Наумовски. Упорен, вреден, талентиран, секогаш мотивиран за добри настапи, одлични концерти. Токму таков беше и овој негов солистички концерт, кој се одржа вчеравечер, во древната битолска Хераклеја, пред повеќе од три илјади луѓе. Со оркестар во живо, под диригентската палка на маестро Кирил Стојчевски, составен од 17-мина врвни музичари од различни музички секции: гудачи, дувачи, хармоники, гитари и придружни вокали. Распеаниот Наумовски, всушност, славеше 30 години од успешната пејачка кариера.

– Вечерва сè е во знакот на бројот 30. Ќе се пеат 30 песни, на сцената имам 30 тапани, 30 игроорци, дури и на самата миксета ќе бидат отворени точно 30 музички канали – порача Борче.

Така што тешко може да се доловат со еден текст сите наши новинарски впечатоци. Но, ќе се обидеме. Не во 30, туку во многу повеќе редови.

На самиот почеток од концертот, неговиот моќен глас се разлеа низ прекрасната Хераклеја, со добропознатите песни: „Девојки лични убави“, „Моја љубов, моја судбина“, „Вторпат се раѓам“, „Убавица си моја“, „Македонски народе“… додека со песната „Туѓина пуста, јабана“,нè потсети дека е роден таму далеку, во Австралија, во Сиднеј, но Македонија засекогаш останува во неговото патриотско срце.Премиерната изведба на песната „Битолските чупиња“, иако е со локален текст, сепак, поради харизматичноста, предизвика да се создаде ѕвездено небо со запалки и со мобилни телефони од сите присутни. Исто како и со песната „Никој како тебе не бакнува“ од репертоарот на ангелот Тоше. Тоа беше задоволство. Се повтори и кога совршено испеа една песна на италијански јазик, од репертоарот на светски познатиот Ерос Рамацоти. Со тоа ни порача дека, освен на македонски, одлично пее и на англиски, француски, германски и на српски јазик забавни, поп-мелодии.

Концертот на еден битолчанец, каков што е Министерот, не може да се замисли без неофицијалната битолска химна, „Ако одам во Битола“, која Наумовски ја испеа и во чест на Боцкино, битолската музичка легенда, кого го нарече свој прв музички учител. Се подразбира, тоа истото и за патриотската од репертоарот на големата тетка Васка Илиева, песната „Земјо македонска, уважавам те“.Тоа беше вечер што со своите хитови ја обележаа и неговите ексклузивни гости, играорци и колеги од естрадата: Mарјан Коцев, Кате од „Соната“, Даниела Темелковска, Миле Кузмановски и Татјана Стефановска, сосе врвната водителка (за овој вид настани), Ирена Спировска. За крај, спектакуларниот огномет  само ја заокружи распеаната летна ноќ, со што убавата Битола се закити со концерт кој навистина многу долго ќе се памети и прераскажува. Сакаме пак!

Дуле МИЌИЌ

 

ИЗДВОЕНИ