Сагата околу евентуалното заминување на Јанис Адетокумбо од Милвоки бакс продолжува да ја бранува НБА-сцената, а најновите информации откриваат дека трансферот во Мајами хит бил речиси завршена работа.
Според изворот на ЕСПН, Шамс Чаранија, Бакс сериозно ја разгледувал понудата на Мајами, која вклучувала пакет предводен од Тајлер Хиро, Келечи Вер, дополнителни кошаркари и вредни драфт-пикови. Преговорите биле интензивни и траеле до 5 февруари, кога во последен момент зделката пропаднала.
Иако Мајами хит понудил најконкретен пакет, раководството на Милвоки бакс решило да не ризикува и да ја задржи својата најголема ѕвезда. Клубот верува дека проектот околу двократниот МВП сè уште има потенцијал и дека би можеле да пристигнат подобри понуди во текот на летото.
Во игра за потписот на Адетокумбо се споменуваа и Минесота тимбервулвс и Голден стејт вориорс, но ниту една од тие опции не била толку конкретна како онаа од Мајами.
Дополнителна неизвесност внесува и фактот што Адетокумбо во октомври ќе може да потпише нов четиригодишен договор вреден 275 милиони долари. Сепак, се зголемуваат шпекулациите дека тој би можел да ја одбие таа опција, со што би станал слободен агент во 2027 година.
Во меѓувреме, резултатите на Бакс не ветуваат многу, што дополнително ги подгрева шпекулациите дека иднината на грчката суперѕвезда во Милвоки е далеку од сигурна.











