Поради ограничувањето на повлекувањето готовина од сметките во Алта банка, пелагониските земјоделци и сточари стравуваат дека нема да можат навреме да ги покријат трошоците во текот на сеидбената сезона. Велат дека 10.000 денари неделно се недоволни за гориво, семенски материјал и препарати, а бараат еднаков третман како пензионерите и примателите на социјална помош. Од Агенцијата за финансиска поддршка уверуваат дека субвенциите нема да пропаднат и дека е овозможена промена на сметките. Во меѓувреме, Народната банка најавува организирана исплата на готовина преку шалтерите на Алта банка
Здружението на земјоделци „Пелагониско поле“ вели дека сточарите и земјоделците од Пелагонија се дискриминирани, затоа што се ставени во групата на клиентите на Алта банка – АД Битола кои имаат право да подигнат до 10.000 денари неделно од своите сметки.
Борче Бучински од ова здружение, за весникот ВЕЧЕР, посочи дека дури 85 проценти од сточарите и земјоделците имаат отворено сметки во Алта банка, преку која и ги примаат субвенциите што им ги исплаќа Платежната агенција.
– Со најновите одлуки, пензиите и социјалната помош целосно им се исплаќаат на пензионерите и на социјалните случаи, а не и на нас, земјоделците. Знаете дека е сеидбената сезона, кога ни се потребни пари за гориво за тракторите, за купување на семенски материјал и за препарати, а само 10.000 денари неделно, колку што можеме да подигнеме од банкомат, се многу малку. За да се наполни еден резервоар на тракторот за орање, потребни ни се 20.000 денари, а каде се другите трошоци за сеидба. Ако, пак, станува збор за сточарска фарма со повеќе вработени или за земјоделско стопанство, трошоците изнесуваат од 2 до 3 илјади евра. Сметаме дека нас, сточарите и земјоделците, не треба да нè ограничуваат во подигањето пари од сметките – вели Бучински.
Смирувачки тонови доаѓаат од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството. Директорката Даниела Иротова-Лазарева вели дека субвенциите нема да пропаднат поради проблемите со исплатата и состојбата со Алта банка каде што земјоделците имаат сметки.
– Не сакам да создавам паника или напнатост кај земјоделците дека ќе останат без субвенции. Во моментов, Агенцијата работи на промена на сметките по барање на барателите. Субвенциите ги исплаќаме на сметката што ќе ја достави барателот. Во секој случај, субвенциите нема да пропаднат – децидна е Иротова Лазарева.
Проблемот со ограниченото подигање готовина ги погодува и вработените во повеќе приватни, општински и државни компании. Граѓаните бараат што побрзо решение на ваквата ситуација и да им се овозможи повторно непречено да располагаат со своите пари.
Гувернерот на Народната банка, Трајко Слевески, вели дека се бараат начини како да се стабилизира состојбата со исплата на клиентите на банката. Вчера, Народната банка ги извести граѓаните кои имаат платежни сметки во Алта банка – АД Битола, а немаат платежни картички, дека од денеска ќе се започне со подигање средства од шалтерите во главната филијала на банката во Битола.
– За таа цел, ќе бидат отворени повеќе шалтери на адресата ул. „Добривое Радосављевиќ“ бр. 21 во Битола. Исплатата ќе биде достапна за граѓаните, а особено за пензионерите и за примателите на социјална помош, кои средствата ги добиваат преку платежни сметки во банката, но немаат платежни картички – известија од Народната банка.
Граѓаните ќе можат да подигнат до 20.000 денари, што е максималниот износ дозволен за повлекување во период од две недели.
– Од 6 ноември, вклучително и сабота, 7 ноември, филијалата ќе работи во две смени, со цел да се опслужат што поголем број клиенти. Исплатата ќе се врши во текот на повеќе денови според распоред за кој граѓаните ќе бидат известени преку СМС-порака, со наведување на денот и часот кога треба да дојдат во филијалата. Ги замолуваме граѓаните да се придржуваат до добиените термини и да не доаѓаат во филијалата во деновите во кои не се повикани и пред времето за кое се повикани на конкретниот ден, со цел да се избегнат гужви и подолго чекање. За оние што нема да бидат во можност да дојдат во определениот термин, ќе бидат обезбедени дополнителни термини. Шалтерите ќе бидат наменети исклучиво за подигање готовина, при што нема да се вршат други видови трансакции – посочија од централната банка дека се работи и на подготовка за отворање на шалтерите за пензионери и приматели на социјална помош и во други градови во земјата.
Во услови кога за граѓаните е важно да располагаат со своите пари за подмирување на секојдневни потреби, семејни обврски и трошоци што не можат да се одложат, се јавуваат приватни финансиски компании кои нудат аванс до плата или пензија и тоа без никакви трошоци, камати или провизии и со флексибилно враќање во рок од три месеци, ако во договорениот рок го вратат износот што го позајмиле. Сметаат дека е важно Народната банка, како регулаторно тело, да ја задржи стабилноста на банката и банкарскиот сектор.
Ангеле Нинески, кој 12 години бил Сојузен ревизор, вели дека македонскиот банкарски систем е стабилен затоа што банките се изложени кон домашниот пазар.
– Алта банка ќе се среди многу брзо затоа што раководењето го презема Народната банка. Само еден совет – да не им се ограничуваат пензиите на пензионерите затоа што се многу мали, за да можат да си располагаат целосно. Домино ефект нема да има, Народната банка има инструменти за тотална стабилизација. Паниката штети, да не се дига – препорачува Нинески.
Македонската берза ја стави Алта банка под надзор
Македонската берза ја стави Алата банка – АД Битола на Листата за набљудување, со цел да го привлече вниманието на инвеститорската јавност по последните случувања поврзани со финансиската состојба и сопственичката структура на банката. Одлуката е од 2 ноември, а како причина се наведува решението на Народната банка за воведување администрација во банката. Овој потег засега не значи суспензија на тргувањето со акциите, но претставува предупредување до инвеститорите да бидат особено внимателни при донесувањето инвестициски одлуки.
Во меѓувреме, тече рокот во кој српската Алта банка – Белград треба да се изјасни дали доброволно ќе ги понуди на продажба акциите што ги поседува во битолската банка. Станува збор за доминантен пакет од 95,336 проценти од капиталот. Доколку сопственикот не ја спроведе продажбата, Народната банка најави дека по истекот на предвидениот рок, акциите ќе бидат понудени преку Македонската берза.
Гувернерот Трајко Славески информираше дека веќе постои интерес од потенцијални инвеститори од земјава и странство. Почетната цена при евентуалната продажба ќе се утврдува согласно со законските правила, врз основа на просечните берзански цени или книговодствената вредност.
Дополнителна загриженост предизвикуваат и финансиските резултати на битолската банка, која заклучно со третиот квартал, прикажала загуба од околу 800 илјади евра, додека во истиот период минатата година, остварила добивка. Депозитите на граѓаните, пак, на крајот на октомври изнесувале 118 милиони евра.
Андовски ги издал лиценците на раководството на Алта банка
Привремениот администратор на Алта банка – АД Битола, Илија Андовски, им ги издал лиценците на акционерите и членовите на Управниот и Надзорниот одбор, откако претходно била добиена дозволата за работа на банката. Според порталот „Трилинг“, Андовски е долгогодишен кадар на Народната банка и банкарски експерт и според податоците за вработените во НБ од мај 2025 година, тој ја извршувал функцијата директор на Дирекцијата за вонтеренска супервизија и лиценцирање.
Во меѓувреме, Народната банка назначи тројца администратори кои во наредните три месеци ќе го преземат управувањето со Алта банка. Покрај Андовски, за администратори се именувани и Весна Стојчевска и Марија Тодоровска. Со решението донесено на 1 ноември, тројцата ги преземаат надлежностите на управните тела и Собранието на акционери, со исклучок на одлуките поврзани со зголемување на капиталот на банката.
Новоназначените администратори имаат рок од 21 ден да ја утврдат финансиската состојба на банката и да достават извештај до Народната банка. Во периодот на нивното управување се воведени и ограничувања за располагање со средствата на банката.
(С. Бл.)












